Американскиот пејач Бред Арнолд, фронтмен на популарната рок група „3 Doors Down“ сподели тажна вест со своите обожаватели. Во емотивното видео на Инстаграм, тој откри дека неодамна му бил дијагностициран рак во четврт стадиум, кој освен тоа и се проширил
„Бев болен пред неколку недели, па отидов во болница. Таму ми рекоа дека имам карцином на бубрежните клетки кој метастазирал на белите дробови. Во четврт стадиум е и не е добро, но знаете, му служиме на моќниот Бог. Тој може да надмине сè, затоа не се плашам. Навистина, навистина воопшто не се плашам“, рекол тој.
Откажана летнатa турнеја
Тој додал дека поради ова бендот бил принуден да ја откаже претстојната летна турнеја, која требаше да започне на 15 мај во Дејтон Бич. „Ова ќе биде битка и ќе ни требаат вашите молитви! Ви благодариме што сте најдобри обожаватели на светот“, напишал Бред во опис на видеото. Во коментарите, се огласиле бројни колеги со зборови на поддршка.
„Се молам за тебе брат. Остани силен“, му напишал пејачот Дејвид Драјман од „Disturbed“. Скот Стап од бендот „Creed“ му порачал: „Ако некој има верба и сила да води ваква битка, тоа си ти. Ти и вашето семејство сте во моите мисли“. Се јавиле и членовите на „Judas Priest“, „Shinedown“, „Skillet“ и други познати бендови.
Бендот постои од 1996 година
Рок бендот „3 Doors Down“ е основан во 1996 година во Мисисипи. Тие се опишани како пост-гранџ, алтернативен рок и хард рок-бенд. Моментални членови се Бред Арнолд (вокал), Крис Хендерсон (ритам гитара, придружен вокал), Грег Апчерч (тапани), Чет Робертс (главна гитара, придружен вокал) и Џастин Билтонен (бас гитара).
Бендот досега има издадено шест студиски албуми. Тие се прославија со песната „Kryptonite“, која се наоѓа на првиот албум „The Better Life“. Песната стана хит и стигна до третото место на „Billboard Hot 100“. Некои од другите хитови се
„When I’m Gone“, „Here Without You“, „Behind Those Eyes“, „When You’re Young“, „It’s Not Me“ и „Duck and Run“.