Иако за срцевиот удар често се говори, малкумина знаат како всушност да помогнат кога тоа ќе му се случи на човек којшто е во нивна близина.
Кардиологот д-р Живан Димитријевиќ објаснува што всушност претставува прва помош и како да реагирате додека се чека да дојде доктор.
„Тоа е тема за која постојано се говори, но кога навистина ќе се најдете во таква ситуација, на улица или на куќна слава, повеќето не знаат како да помогнат. Една сериозна помош која тогаш можеме да ја дадеме, додека чекаме брза помош, е на лицето кое е во неволја да му дадеме 500 милиграми аспирин“, советува докторот.
Зошто баш аспирин? Затоа што тој ја намалува склоноста на крвта да прави тромбови, што е клучно кај срцевиот удар.
„Најефикасно е кога таблетата ќе се стопи во устата, лекот тогаш брзо влегува во крвотокот преку слузокожата. Луѓето често не веруваат колку лекот може брзо да делува на тој начин“, додал докторот.
Брзината на пристигнување до најблиската здравствена установа каде може да се направи ЕКГ и да се провери дали станува збор за срцев удар е исто така клучна. Доколку процениме дека побрзо сами ќе го однесеме пациентот отколку што ќе дојде брзата помош, тогаш не треба да се чека.
„Кога некој има инфаркт постои нешто што се нарекува „два златни часа“. Важно е во рамките на тие два часа тој човек да добие стент, а времето од почетокот на тегобите до доаѓање до установата е единствено кое може да се скрати“, објаснува д-р Димитријевиќ.
Варијабили на притисок
Покрај аспиринот, во некои случаи може да помогне и нитроглицерин, доколку некој го има при рака. Сепак, со други лекови, како нифелат којшто се користи за намалување на притисокот, треба да бидете внимателни.
Тој делува брзо, но може да предизвика забрзана работа на срцето, што може да биде ризично при инфаркт. Поради тоа таквата одлука треба да ја донесе доктор, доколку е во близина.
„Кај инфарктот може сѐ да се случи со крвниот притисок, да се намали, да остане нормален или да се зголеми, во зависност од психичката структура на човекот којшто го доживува и од неговите уредни реакции на организмот на т.н. здравствен стрес. Значи, најважно е да дадеме аспирин, евентуално нитроглицерин и потоа да одиме до најблиската болница каде може да се направи ЕКГ“, советува докторот.
Како да препознаеме дека станува збор за инфаркт?
Постои еден многу практичен тест на препознавање на инфаркт. Кога личноста ќе се чувствува лошо, се гуши, чувствува болка во градите и при тоа инстинктивно ја става раширената дланка на градниот кош, тогаш најверојатно станува збор за срцев удар.
„Доколку пациентот со цела дланка со отворени прсти ги притисне градите и извика „оф, колку ме боли“, тоа е 99 отсто инфаркт. А, доколку со еден прст може да покаже каде точно го боли, тогаш со сигурност не станува збор за срцев удар“, нагласува докторот.
„На крај, најважно е да не чекаме пасивно затоа што брзината е пресудна“, заклучил д-р Димитријевиќ. Истото ова важи и за мозочен удар, тогаш секоја минута е важна.