Cala Goloritze која се наоѓа на источното крајбрежје на Сардинија, прогласена е за најубава плажа на светот за 2025 година.
Во свет полн со рајски крајбрежја, титулата за најубава плажа на светот за 2025 година ја освои скромното место на источното крајбрежје на Сардинија.
Cala Goloritze ги воодушеви меѓународните експерти, блогери и патници во рамките на престижниот избор „The World’s 50 Best Beaches“.
Зошто токму оваа италијанска скапоценост ги победи тропските плажи?
„Нејзината природна убавина остава без здив, без оглед на тоа дали ја набљудувате од видиковец на карпа или стоите на крајбрежјето додека тиркизната вода ви ги милува стапалата“, пишуваат авторите на ранг-листата.
Оваа плажа е опкружена со импозантни карпести формации кои достигнуваат висина од 143 метри. Се состои од ситни, бели камчиња кои со кристално чистата вода во нијанси на зелена и сина формираат моќен контраст. Препознатливиот дел од пејзажот го прават камени врвови кои привлекуваат луѓе кои се искачуваат на карпи од цела Европа.
Влезот на најубавата плажа на светот чини 7 евра
Оваа плажа не е само празник за очи туку и пример за одржлив туризам. Од 1993 година плажата е природен резерват, а од 1995 година се наоѓа на листата на УНЕСКО како италијански споменик на природата.
За да се зачува нејзиниот единствен екосистем, пристапот е строго ограничен, дневно може да ја посетат најмногу 250 луѓе.
Моторните чамци не смеат да приоѓаат до крајбрежјето во радиус од 200 метри, па оние кои доаѓаат по морски пат мора да допливаат.
Од копно, единствениот пат до плажата е пешачка патека долга 3.5 километри која поминува низ стрмни карпи и нуди неверојатни погледи.
Влезот на плажата чини 7 евра, а резервација мора да се направи однапред по пат на апликацијата „Heart of Sardinia“.
Недостатокот на тушеви, тоалети и барови дополнително ја нагласува дивата природа на ова место каде сѐ е речиси недопрено.