Децата кои биле изложени на антибиотици во првите две години од животот имаат повисок индекс на телесна маса (BMI) и зголемен ризик од прекумерна тежина или дебелина до 12-годишна возраст, покажа новото истражување.
Сепак, не е пронајдена таква поврзаност со изложеност на антибиотици за време на бременост или при породување, што укажува на потребата од претпазливо препишување антибиотици во раното детство.
Според финска студија на повеќе од 33.000 деца, чии резултати биле презентирани на состанокот на Педијатриските академски друштва (PAS) 2025, кој се одржал од 24 до 28 април во Хонолулу, раната употреба на антибиотици е поврзана со повисок „BMI“ и зголемен ризик од дебелина кај децата.
Антибиотиците имаат најголемо влијание во првите 2 години
Студијата покажала дека раната изложеност на антибиотици е поврзана со зголемување на BMI од 0,067 поени, приспособено според возраста и полот. Покрај тоа, овие деца имале 9 отсто поголем ризик од дебелина и 20 отсто поголем ризик од развој на дебелина во споредба со децата кои не биле изложени на антибиотици во тој период.
Важно е да се истакне дека истражувачите не пронашле значајна поврзаност помеѓу индексот на телесна маса (BMI) во детството и употребата на антибиотици пред бременоста, за време на бременоста или во моментот на раѓањето.
Антибиотиците што им се препишуваат на малите деца се широко распространети, велат истражувачите. На повеќето деца им се даваат антибиотици во првите две години од животот. Приближно една четвртина од децата се изложени на антибиотици за време на бременоста, а една третина за време на вагинално породување.
Внимание при препишување антибиотици
„Изложеноста на антибиотици во првите две години од животот има посилна поврзаност со зголемување на телесната тежина во детството отколку изложеноста за време на бременоста или други рани фази. Здравствените работници треба да бидат внимателни кога им препишуваат антибиотици на мали деца, особено кога станува збор за непотребни антибиотици за инфекции на горните дишни патишта“, истакна д-р Софија Аинонен, доктор на науки од Универзитетот во Оулу во Финска и авторка на презентацијата.