Овој "Ferrari F50" би можел да стане најскапиот во историјата. Еве зошто …
Сопствеништвото над дел од автомобилската историја никогаш не било евтино, но кога на престижот на "Ferrari" му се додаде и името на Ралф Лорен, тогаш цената може да достигне астрономски нивоа.
Ралф Лорен, еден од најпознатите и најуспешни модни дизајнери во светот, во автомобилските кругови е подеднакво познат по тоа што поседува една од највпечатливите автомобилски колекции на планетата. Сега, "Ferrari F50" од 1995 година кој некогаш му припаѓал, оди на аукција и лесно може да стане еден од најскапо продадените "F50" модели во историјата.
"Ferrari" произведе само 349 примероци од "F50", од кои само 55 беа направени според спецификациите за американскиот пазар. Возилото кое му припаѓало на Лорен е едно од само два примероци во САД обоени во специфичната "Giallo Modena" жолта нијанса.
Обично, кога Лорен купува автомобил, го задржува засекогаш. Но овој "F50" го продал уште во 2003 година, а оттогаш е во сопственост на друг колекционер.
Аукциската куќа "RM Sotheby’s" предвидува дека овој исклучителен "F50" може да достигне цена меѓу 6,5 и 7,5 милиони долари.
Дури и ако се продаде за „само“ 6,5 милиони долари, тоа би било дури милион повеќе од досегашниот рекорд за "F50" – 5.532.500 долари, постигнат во февруари годинава.
Тој автомобил имаше поминато 1.351 милја (околу 2.174 километри), додека "F50" што некогаш му припаѓаше на Лорен има нешто под 5.400 милји (околу 8.690 километри).
Овој "Giallo Modena F50" беше прикажан на неколку настани во текот на 2000-тите, но не е јавно изложен уште од 2009 година, кога учествуваше на "Celebration Exotic Car" фестивалот на Флорида.
Последен пат бил сервисиран минатата година, кога бил заменет и резервоарот за гориво.
Порано "F50" не се ценеше исто како и легендарниот "F40", но таа перцепција драматично се промени последниве години.
Благодарение, меѓу другото, на својот "F1"-инспириран "V12" мотор и на исклучителната реткост, денес се смета за еден од најдобрите "Ferrari" модели што некогаш возеле по јавни патишта – што е јасно ако се погледне колку вредат примероците со малку поминати километри.
Пред само една деценија, "F50" можеше да се купи за помалку од 1,5 милион долари. Денес се продаваат за повеќе од 5 милиони.