Поранешниот фоторепортер Ли Томпсон, кој посетил повеќе од 100 земји низ целиот свет, објасни дека соло одморот може да биде еден од посоцијалните видови на патувања. Иако безбедноста на овие патувања е голема грижа за многумина, похрабрите авантуристи може да имаат проблеми со осаменоста.
Ли Томпсон го сподели своето искуство откако посетил повеќе од 100 земји низ целиот свет, преку кои, како што тврди, стекнал пријатели за цел живот.
Тој им советува на сите луѓе кои одлучуваат да патуваат сами да се вклучат во локалниот живот на дестинацијата што ја посетуваат.
„Важно е да бидете отворени и љубопитни за новите можности што се појавуваат и да кажете „да“ на поканите, дури и ако се чувствувате срамежливо. Волонтирањето може да биде одличен начин да запознаете нови луѓе додека патувате сами, особено во големите градови. Лесно се спријателив со уличен музичар во паркот“, објаснил Ли.
Томпсон им советува на соло патниците да се пријавуваат за настани во заедницата, бидејќи тоа ќе им помогне да запознаваат луѓе во опуштена атмосфера.
„Малку истражување на интернет ќе ви отвори цел свет на настани, каде и да патувате. Сè што треба да направите е да ги пронајдете оние што одговараат на вашите интереси и вредности“, тврди тој.
Една од најголемите грешки што ги прават соло патниците, според Томпсон, е поминувањето време на телефон додека седат во авион или воз, наместо да разговараат со други патници.
„Некои од моите најдобри пријателства за време на патувањата се случија случајно“, рече Томпсон.
Тој тврди дека сега има повеќе опции од кога било за поврзување при групни патувања.
„Престојот на ново место со луѓе на слична возраст и интереси значи дека темелите за пријателство се веќе поставени. Со неколку заеднички активности, зближувањето се развива доста убаво“, објаснил тој.
Томпсон советува да се направи првиот потег кога се разговара со странци на патување, да се преземе иницијатива и да не се сфаќа лично ако некој не ви возврати.
„Еднаш поминав цел ден во Њујорк прашувајќи целосни странци дали сакаат да ми бидат пријатели, како дел од еден социјален експеримент. Знам какво е чувството кога си отфрлен, но научив дека искреноста се исплати. Кога ќе се отворите кон другите како соло патник, наградите ќе дојдат. Порано или подоцна ќе сретнете луѓе со кои можете да разговарате цела ноќ и ќе се чувствувате како да ги познавате отсекогаш“, заклучил Ли.