Реал Мадрид оваа сезона се соочи со сериозни проблеми со повреди. Само четворица играчи успеаја целосно да ја избегнат лошата среќа, меѓу нив и ветеранот Лука Модриќ, додека останатите се млади фудбалери со голем потенцијал.
Иако се наоѓа во трка за трофеите на домашната сцена, „Кралскиот клуб“ по елиминацијата од Арсенал во четвртфиналето на Лигата на шампионите би можел лесно да ја заврши сезоната без ниту една голема награда.
Еден од главните фактори за оваа неизвесност се бројните повреди кои сериозно го нарушија континуитетот и тимската хемија. На овој проблем укажа и популарната навивачка страница „Madrid Xtra“, која објави преглед на играчите што успеале да ја издржат целата сезона без ниту една повреда – и резултатите се изненадувачки.
Според нивните податоци, само четворица фудбалери на Реал Мадрид немале ниту една повреда во текот на сезоната:
• Раул Асенсио (22) – централен дефанзивец
• Арда Гулер (20) – играч од средниот ред
• Ендрик (18) – напаѓач
• Лука Модриќ (39) – капитен на тимот
Интересно е што тројца од нив се многу млади играчи, додека четвртиот – Лука Модриќ – е на крајот од својата кариера, но сè уште фасцинира со својата дисциплина, посветеност и професионализам.
Модриќ оваа сезона одигра 50 натпревари, иако само половина ги започна како стартер. Неговата физичка подготвеност, вниманието на исхраната и стриктниот тренинг режим очигледно имаат клучна улога во тоа што остана здрав, додека речиси сите негови соиграчи барем еднаш беа надвор од терените поради повреда.
Како што влегуваме во завршницата на сезоната, во Реал се надеваат дека преостанатиот ростер ќе остане здрав, за тимот барем во Примера и Копа дел Реј да извлече позитивен епилог.