[ВИДЕО] Дино Мерлин објави нов албум, на него работеше цела деценија: „Кога нешто трае пет, шест или седум години, тогаш постои голема веројатност дека ќе трае уште десет години и дека ќе го издржи тој суд на времето“

Точка

22/04/2025

11:49

909

Големина на фонт

а а а

По повеќе од десет години, Дино Мерлин го објави новиот дискографски албум „Ми“ (Ние). Со интимни стихови, како што вели, ја испеал и ја музицирал својата животна приказна, споделувајќи радост, тага, грижа, сеќавање, верба, заедништво, надеж и борба со својата публика.

„Долго се крчкаше“

„Ова е мојот 12-ти албум. Посебен е затоа што „долго се крчкаше“ поради објективни и субјективни околности. Потребно беше малку повеќе време поради сето она што се случи во последните 5-7 години за да се доведе оваа приказна до крај. А кога нешто долго се крчка, имате можност постојано да проверувате каде сте на тој пат, колку вреди тоа што го правите. Малку сте и постари, можеби малку и помудри, па не обрнувате внимание на оние минливи работи како актуелната мода, туку имате прилика да го почувствувате минувањето на времето низ сопствените песни. Кога нешто трае пет, шест или седум години, тогаш постои голема веројатност дека ќе трае уште десет години и дека ќе го издржи тој суд на времето“, истакнал Дино Мерлин пред објавувањето на албумот.


Албумот беше најавен во 2020 година со хит-синглот „Ми“. Во годините што следеа, овој кантавтор на публиката ѝ откриваше фрагменти од албумот преку сингловите „Dođi“, „Jedan dan, jedna noć“, „Krive karte“, „Kako da ti kažem“, „Skoro će zima“ и „Ne radujemo se“.

Албумот вклучува и дует со Халид Бешлиќ

Ова делукс издание носи вкупно 18 песни – 11 сосема нови и 7 веќе објавени синглови. На албумот е и дуетот „Godino vrela“ со Халид Бешлиќ.

Дино Мерлин го објави новиот албум „Ми“, кој за прв пат во кариерата доби визуелна димензија – покрај музичкиот дел, достапен е и како 48-минутен видео-филм. Режијата ја потпишува уметницата Кукла, а филмот носи симболични претстави кои ја придружуваат секоја песна од албумот.

Продукцијата на албумот траела неколку години и се одвивала во студија ширум светот, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Словенија, Италија, Турција, Шведска, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави. Албумот комбинира локални музички елементи со глобален продукциски пристап.

Песните собраа повеќе од 100 милиони прегледи

Песните, кои претходно беа објавени како синглови, собраа повеќе од 100 милиони прегледи на „YouTube“. Од 18 април целиот албум е достапен на „YouTube“ и на сите поголеми стриминг сервиси.

Дино Мерлин ги опишува песните како лични приказни кои ги споделува со публиката, нагласувајќи дека тоа се теми што го допираат го обликуваат неговиот креативен процес.