Невозвратената младешка љубов на папата Франциско пресудила тој да се замонаши: „Ако не те оженам, ќе станам свештеник“

Точка

22/04/2025

11:31

7.360

Големина на фонт

а а а

Пред да стане поглавар на Католичката црква, папата Франциско доживеал младешка љубов која засекогаш го одбележала неговиот живот, а со оглед на тоа дека таа била невозвратена, истата пресудила тој да стане свештеник.

Папата Франциско, роден како Хорхе Марио Бергољо, остави зад себе неизбришливо наследство. Меѓутоа, зад неговиот религиозен повик се крие една малку позната приказна која длабоко го одбележала неговиот живот: младешка љубов која влијаела на неговата одлука да тргне по патот на свештенството.

Амалија Дамонте, сосетка и пријателка од детството на младиот Хорхе во Буенос Аирес, беше таа што ја сподели оваа приказна со аргентинските медиуми уште кога тој бил избран за папа.

Како што раскажала во тоа време, и двајцата имале скромно детство, исполнето со улични игри, едноставни танци и длабока почит за вредноста на солидарноста и љубовта кон оние на кои им е најпотребна.

„Тој беше зрело, прекрасно момче“, се присетила Амалија во таа прилика, „Игравме на тротоарите или во локалните паркови, танцувавме… тоа беше многу убаво нешто“.

На 12-годишна возраст, Бергољо не можел да замисли живот посветен на црквата. Напротив, тој сонувал да основа семејство со Амалија, а дури и ѝ напишал писмо со јасно ветување: ако таа не се согласи да се омажи за него, тој ќе стане свештеник. Одговорот, меѓутоа, никогаш не пристигнал. Имено писмото дошло во рацете на мајката на Амалија, која подоцна жестоко ја казнила и ѝ забранила секаков контакт со младиот Хорхе.

Набргу по принудната пауза, Бергољо влезе во семинаријата. Извесен период одржувал контакт со Амалија преку писма, но на крајот завршиле на сосема различни патеки.

Семејството Бергољо се преселило, а набргу потоа и семејството Дамонте. Амалија основала свое семејство, додека Хорхе Марио целосно ја прифатил својата религиозна покана.

Неколку децении подоцна, Амалија прозборела за таа младешка љубов: „Мислам дека тој е многу разумен, а и јас сум многу разумна. Јас сум многу скромна. Можеби во таа смисла можевме да бидеме сродни души. Бидејќи сме многу скромни, ги сакаме сиромашните. Проблемот е што денес нема љубов кон сиромашните. Луѓето сакаат елегантна облека и ништо друго“, рекла Амалија.

Потсетуваме, папата Франциско почина вчера на 88 годишна возраст, а веста за неговата смрт ја соопшти кардиналот Кевин Фарел.