Штетни состојки во дезодорансите кои треба да ги избегнувате: Зад пријатните мирисни ноти се кријат хормонални пореметувања, рак и неплодност

Точка

18/04/2025

12:00

1.794

Големина на фонт

а а а

Алуминиумот во дезодорансите може да предизвика генетска нестабилност во клетките и да ја зголеми веројатноста за развој на тумори.

Фталатите, парабените и диетаноламинот во козметичките производи исто така можат да го нарушат ендокриниот систем и да бидат поврзани со развој на рак.

Зад заводливите мириси на дезодорансите и нивното внимателно дизајнирано пакување често се кријат хемикалии кои можат да предизвикаат хормонални нарушувања, алергии, па дури и сериозни здравствени состојби како што се рак на дојка, невродегенеративни болести и неплодност.

Иако некои од овие состојки се веќе забранети, сè уште постојат производи на пазарот кои ги содржат без никакви предупредувања.

Најопасни состојки во дезодорансите

Алуминиум

Алуминиумот е честа состојка во дезодорансите и антиперспирантите.


Се користи во форма на алуминиумски соли кои ги блокираат потните жлезди, спречувајќи потта да излезе на површината на кожата.

Сепак, оваа состојка може да предизвика генетска нестабилност во клетките, што значи дека може да поттикне клеточни мутации и да го зголеми ризикот од тумори.

Дополнително, кај лица со нарушена функција на бубрезите, апсорпцијата на алуминиум преку кожата може да биде особено ризична, бидејќи бубрезите тешко го елиминираат. Тоа може да доведе до заболувања на коските и развој на деменција.

Триклосан

Оваа состојка се додава за да ги уништи бактериите што го предизвикуваат телесниот мирис. Но, истражувањата покажуваат дека триклосанот го нарушува ендокриниот систем, имитирајќи хормони и попречувајќи ги нивните природни функции. Поврзан е и со зголемен ризик од рак на дојка.

Поради овие ризици, Американската Администрација за храна и лекови (FDA) го забрани триклосанот во течните сапуни за раце, но сè уште дозволува негово користење во дезодоранси во мали количини.


Фталати

Фталатите се користат за да се зголеми флексибилноста на производот и да се продолжи траењето на мирисот.

Како и триклосанот, и тие можат да го нарушат хормоналниот баланс, особено кај мажите. Кај жените, раната изложеност на фталати може негативно да влијае на репродуктивното здравје, да предизвика порано започнување на пубертетот и да го зголеми ризикот од рак на дојка во подоцнежните години.

Парабени

Парабените се користат како конзерванси, за да спречат развој на габи, бактерии и мувла во козметиката.

Сепак, овие хемикалии се апсорбираат преку кожата и го имитираат дејството на естрогенот. Прекумерната изложеност на естроген е поврзана со зголемен ризик од рак на дојка. Иако FDA ја дозволува нивната употреба, се смета дека количините во производите се премногу мали за да предизвикаат сериозна штета – што сè уште е тема на расправа.


Вештачки мириси (парфеми)

Секој дезодоранс има свој препознатлив мирис, но често овие мириси содржат десетици различни хемикалии. Бидејќи формулите се деловна тајна, производителите не ги наведуваат сите состојки.

Оваа нетранспарентност е загрижувачка, бидејќи не е познато точно кои хемикалии се користат, ниту какво влијание имаат врз здравјето. Меѓу нив, синтетичкиот мошус се смета за потенцијално опасен.

Диетаноламин (DEA)

Диетаноламинот се користи за подобрување на текстурата на производите, но е поврзан со ризик од рак. При неговото производство се ослободува диоксан – познат канцероген.

Бутан и изобутан

Овие гасови се користат како погонско гориво во аеросол дезодорансите. Сепак, тие се токсични и поврзани со канцерогени ефекти. Канада и Европската Унија веќе ја забранија нивната употреба, додека во САД и други земји сè уште нема ограничувања.

Пропилен гликол

Служи за одржување на структурата на дезодорансот, но кај некои лица предизвикува алергиски реакции, иритација и чешање на кожата.


BMHCA (Lilial)

Оваа синтетичка состојка на мирис, позната и како Lilial, има пријатен, цветен мирис сличен на крин од долината. Се користи во многу производи за лична нега.

Во последните години е предмет на голема загриженост поради:

• Ендокрини нарушувања – имитира или блокира природни хормони, особено естроген;

• Репродуктивна токсичност – Европската агенција за хемикалии (ECHA) го класифицираше како опасен за плодноста;

• Алергии и иритации – може да предизвика контактни алергии и воспаленија на кожата.

Поради овие причини, Европската Унија го забрани Lilial во козметиката од март 2022 година. Сепак, се’ уште може да се најде во формулите на некои производи.