Со причина го нарекуваат „кинескиот Илон Маск“

Точка

17/04/2025

19:33

2.714

Големина на фонт

а а а

Ко-основачот на компанијата "Xpeng", Хе Шаопенг, вели дека бројот на нови електрични возила во Кина опремени со високо автоматизирани системи за асистенција при возење – таканаречена „возење без раце“ – драстично пораснал во последната деценија и денес го надминува оној на западните конкуренти.

Ако сакате да знаете зошто во моментов технолошки најнапредните автомобили се произведуваат токму во Кина, а не во САД или Европа, доволно е да погледнете два клучни показатели кои го илустрираат вртоглавото темпо на иновации, пишува "Fortune".

Бројот 50 го претставува уделот на т.н. возила со нова енергија (NEV) во вкупниот пазар на автомобили во Кина. Со други зборови, секој втор нов автомобил продаден минатата година бил електричен или "plug-in" хибрид.

Бројот 55,7 пак, го претставува процентот на "NEV" возила продадени во 2023 година кои имале опција за „возење без раце“ – автоматизирани системи за асистенција при возење слични на "Tesla Full Self-Driving“ или Ford BlueCruise“.

За споредба, кога Хе Шаопенг ја основаше компанијата "Xpeng" во 2014 година (денес котирана на берзата во Њујорк), овие проценти беа под 1%.

„Може да се каже дека Кина претрпе огромен развој во последната деценија“, изјави Хе на глобалната промоција на својот бренд во Хонг Конг, каде што неговиот премиум семеен миниван "X9" беше ѕвезда на вечерта.

Декада можеби звучи долго за индустријата на потрошувачка електроника, но во автомобилската индустрија – каде што безбедноста е апсолутен приоритет – тоа е приближно еден целосен животен циклус на производ: од концепт до крајот на производството.


Зо споредба, електричните и хибридни возила сочинуваат само 11% од продажбата на лесни возила во САД, додека во Европа тој удел е нешто поголем – околу 23%.

Кога станува збор за напредните системи за асистенција, тешко е да се најдат директно споредливи податоци.

Но, ако го земеме "Tesla" како репер, нивната најнапредна функција за возење без раце е присутна во најмногу четвртина од возилата, а извршниот директор Илон Маск неколкупати ја намалуваше цената на системот за да ја зголеми побарувачката.

Како резултат на брзиот напредок на кинеските производители, американските и европските регулатори се сè почесто принудени да воведуваат високи царини за да спречат поплава од достапни кинески електрични возила на нивните пазари.

Сепак, Хе Шаопенг останува оптимист кога станува збор за глобалната експанзија на "Xpeng":

„Во наредната деценија, целта ни е над 50% од нашата продажба да доаѓа од странски пазари – сакаме да бидеме водечки кинески извозник во средниот и висок сегмент“, рече тој.

Во знак на признание за технолошкиот напредок на "Xpeng", "Volkswagen", кој со децении беше лидер на кинескиот пазар, неодамна влезе во директно стратешко партнерство со компанијата.


Кој е Хе Шаопенг?

По продажбата на популарниот мобилен интернет-прелистувач "UCWeb" на "Alibaba", Хе Шаопенг ја основа компанијата "Xpeng Motors".

Слично како Илон Маск, кој средствата од продажбата на "PayPal" на "eBay" во 2004 година ги искористи за да инвестира во тогаш речиси непознатата "Tesla".

Меѓу љубителите на "Tesla", Хе често се доживува како кинескиот „имитатор“ на Маск, кој следи речиси идентична стратегија. Како и Маск, разви сопствени чипови за автономно возење, создаде хуманоиден робот (наречен „Iron“) и се прошири кон воздушен транспорт – но наместо ракети, Хе вложува во летечки автомобили.

Сепак, "Xpeng" функционира во сосема поинаква лига споредено со "Tesla" кога станува збор за обемот и пазарната вредност.


Додека "Tesla" со години уживаше речиси монопол на Западот благодарение на својот софтвер, технолошка предност и сопствена мрежа на полначи, "Xpeng" се натпреварува на пренатрупаниот кинески пазар каде доминира "BYD" и десетици амбициозни конкуренти.

Затоа "Xpeng" и понатаму се наоѓа меѓу седмата и осмата позиција по пазарен удел меѓу кинеските производители на возила со нова енергија.

Дали компанијата на Хе Шаопенг ќе преживее војната со цените во кинеската EV индустрија – прашање кое сè уште останува отворено.