Кети Пери полета до работ на вселената – при враќањето ја бакна Земјата, Џеф Безос нетрпеливо ја чекаше свршеницата

Точка

14/04/2025

23:06

6.552

Големина на фонт

а а а

Вселенската мисија денеска стана историска, бидејќи беше првата со целосно женси екипаж од легендарниот лет на Валентина Терешкова во 1963 година. Ова беше и 11-та суборбитална мисија на компанијата "Blue Origin", која веќе неколку години нуди туристички летови во вселената.

Поп ѕвездата Кети Пери успешно отпатува до работ на вселената и се врати на Земјата со ракетата на милијардерот Џеф Безос. Авторката на хитовите "Firework" и "California Gurls" во лет кој траеше 11 минути стигна на висина од 100 километри од Земјата, со леталото на "Blue Origin" – вселенската компанија основана од креаторот на "Amazon".

Покрај Пери, во мисијата учествуваа уште пет жени: свршеницата на Безос – Лорен Санчез, телевизиската водителка Гејл Кинг, продуцентката Кериен Флин, поранешната научничка од НАСА – Аиша Боу, и Аманда Нгујен – основачка на организација за борба против сексуално насилство.

Ракетата беше лансирана околу 15:30 часот. Целосно автоматизираното летало се издигна вертикално, капсулата со патниците се одвои во текот на летот, а подоцна успешно слета назад на Земјата со помош на падобрани и ракети. Прва од капсулата излезе Лорен Санчез, која беше пречекана од Џеф Безос – нетрпеливо чекал до капсулата и тропнал на нејзиното заштитно стакло пред таа да се отвори и таа да му падне во прегратка.


По неа излезе Кети Пери со рацете високо подигнати, држејќи во рака маргаритка која ја понела со себе на летот. Таа потоа се спушти на колена и ја бакна Земјата – гест кој го повторија и неколку други жени од мисијата.


Оваа мисија го означи првиот целосно женски екипаж во суборбитален лет од 1963 година наваму. Станува збор за 11-та успешна мисија на "Blue Origin", компанија која сè повеќе го шири своето присуство во сферата на вселенскиот туризам. Компанијата сè уште не ја објавува цената на патувањето со ракетата "New Shepard". Летовите траат околу десет минути и ги носат патниците над линијата Карман – меѓународно признатата граница на вселената. Во текот на летот, патниците имаат можност кратко да ги одврзат појасите и да уживаат во бестежинска состојба, пренесува "AFP".


Пери неодамна за списанието "Elle" изјави дека ќе учествува во мисијата „заради нејзината ќерка Дејзи“ која ја има со актерот Орландо Блум, „за да ја инспирира да верува дека нејзините соништа немаат граници“. Петте жени учествуваат во мисијата по веќе 52 патници кои летале со "Blue Origin", меѓу кои беше и актерот Вилијам Шатнер од "Star Trek".


Преку оваа мисија, Безос се надева дека ќе го задржи вниманието врз неговата компанија која има се поголема конкуренција на полето на вселенскиот туризам. Главен конкурент е "Virgin Galactic", кој нуди слични суборбитални „екскурзии“. Сепак, долгорочната амбиција на "Blue Origin" е да нуди летови надвор од орбитата – директно натпреварувајќи се со "SpaceX" на Илон Маск. Во јануари, посилната ракета на "Blue Origin", "New Glenn", успешно ја заврши својата прва мисија во орбита – без екипаж.