Отровна риба се шири низ Средоземното море – Опасното суштество стасало и до Јадранот

Точка

12/04/2025

19:42

3.659

Големина на фонт

а а а

Отровен вид риба, позната и како риба-балон (Lagocephalus sceleratus) се населила во Средоземното Море и се заканува да го загрози биодиверзитетот, покажало најновото истражување на хрватските научници.

Овој вид риба, познат и како риба со четири заби, потекнува од Црвеното Море и сè повеќе пристигнува до Медитеранот преку Суецкиот канал, се вели во студијата која неодамна ја објави научното списание „Acta Ichthyologica et Piscatoria“.

Според истражувачите, мажјак од овој исклучително отровен вид, долг нешто повеќе од 500 милиметри и тежок 1.330 грама, бил забележан во северниот дел на Јадранското Море во мај минатата година, на длабочина од 20 метри.


Ова е четврти примерок од овој вид риба забележан во водите на ова море, но првпат во северниот дел на Јадранот, објавија истражувачите од факултет за природни науки на Универзитетот Јурај Добрила во Пула и Институтот за океанографија и рибарство во Сплит.

Научниците соопштија дека рибата балон за прв пат била забележана во Средоземното Море во 2003 година и оттогаш се проширила далеку од тропските и екваторијалните води од каде што потекнува.

Видот бил забележан и покрај бреговите на Франција, Турција, Тунис и Египет, пренесе „Bfmtv“.

Причината за масовното присуство на оваа риба во Средоземното Море е отсуството на предатори како и високата стапка на размножување на овој вид.


Еден од авторите на студијата, Невен Ивеша, изјавил дека присуството на овој вид во северниот дел на Јадранот е јасен знак за неговата експанзија и потенцијалните еколошки и економски последици што тоа може да го предизвика.

Тој додал дека проактивното следење на овој вид риба е важно со цел да се развијат стратегии за ублажување на последиците што нејзиното ширење може да има врз локалната биолошка разновидност, рибарството и јавната безбедност.

Најновите докази покажале дека каснувањето на оваа риба може да биде исклучително опасно за луѓето, па дури и да доведе до ампутација. Со оглед на тоа дека содржи силен отров нејзиното месо е исклучително отровно и неговото консумирање секако е потенцијално смртоносно.