Новиот дизајн на "iPhone 17 Pro" носи драстични промени на задниот дел, додека предната страна останува речиси непроменета.
"Apple" планира да ја претстави серијата "iPhone 17" оваа есен, на својот септемвриски настан, а според досегашните информации, уредите ќе донесат значајни новини во хардверот и дизајнот. Познатиот технолошки инфлуенсер Сони Диксон сподели фотографии од маски за "iPhone 17 Pro" кои откриваат големи промени на задната страна, навестувајќи поинаков изглед од досегашните модели, кои речиси и да не се менувале од "iPhone 11" наваму.
На фотографиите се гледа огромен отвор на задната страна на маската, веројатно наменет за новиот „остров за камера“, како што веќе претходно најавуваа гласините. Се очекува "iPhone 17 Pro" да има значително зголемен модул за камера кој ќе вклучува три леќи, "LiDAR" скенер, микрофон и "LED" блиц. За разлика од квадратниот модул кај "iPhone 16 Pro", новиот дизајн предвидува правоаголен модул кој се протега по целата ширина на уредот.
Додека "iPhone 17 Pro" го добива овој радикално нов изглед, моделот "iPhone 17 Air" наводно ќе личи повеќе на "Google Pixel 9", со пилулест дизајн на камера модулот, кој исто така ќе се протега од раб до раб.
Предната страна кај "iPhone" уредите во последните генерации остана главно иста, со потенки рамки и воведување на "Dynamic Island". Постојат и гласини дека новите "Pro" модели ќе имаат помал "Dynamic Island", но извештаите се контрадикторни и сè уште се чека на поверодостојни информации.
Сè уште не е јасно дали зголемениот модул за камера ќе има практична функција или станува збор за естетска промена. Поголемиот простор во внатрешноста на куќиштето би можел да овозможи подобро ладење и попрецизно мапирање на длабочината, но конечната одлука останува на Apple.
Според Марк Гурман, новиот „остров за камера“ ќе биде во иста боја со куќиштето, додека некои рендери прикажуваат црна позадина. Повеќе информации околу дизајнот се очекуваат во следните недели.