Велика Британија направи значаен чекор напред во лекувањето на ракот на дојка и даде нова надеж на многу жени кои се соочуваат со оваа тешка болест.
Голем напредок во третманот на ракот на дојка би можел да понуди нова шанса за илјадници жени кои живеат со неизлечиви форми на оваа болест. По 20 години истражувања, Националниот институт за здравје и нега на Велика Британија (NICE) го одобри лекот капивазертиб (capivasertib) за употреба во рамки на државниот здравствен систем (NHS).
Кога се комбинира со хормонска терапија, капивазертиб значително го продолжува времето пред ракот да напредува. Двојно го продолжува дејството на хормонската терапија, давајќи им на пациентите драгоцено дополнително време со своите семејства, изјави професорот Николас Тарнер од Институтот за истражување на рак во Лондон, кој го водеше претходното истражување објавено во "The New England Journal of Medicine".
Капивазертиб е орален лек против рак кој делува така што блокира група на протеини наречени АКТ (AKT), кои играат улога во растот и опстанокот на клетките. Овие протеини често се преактивни кај одредени видови на рак, вклучително и кај многу случаи на напреднат рак на дојка. Со инхибирање на "АКТ", капивазертиб помага да се забави или сопре растот на канцерогените клетки. Лекот делува таргетирано кај тумори со мутации во гените "PIK3CA", "AKT1" или "PTEN", кои се присутни кај околу 50% од пациентките со напреднати форми на болеста.
Елен Хјуз од Северен Велс го прима лекот од февруари преку приватна нега. Рак на дојка ѝ бил дијагностициран во 2008 година, а до 2016 тој метастазирал. Сепак, денес вели дека повторно гледа надеж. „Веќе не се гледам себеси како личност што умира … Се гледам себеси како некој што успева, и ќе продолжам да се борам онолку колку што можам,“ изјави таа за "Sky News".
Таа ги пофали лесните несакани ефекти и можноста да се одложи почетокот на хемотерапија. „Луѓето не разбираат дека за шест месеци можеме да направиме многу,“ порача Хјуз.
Професорот Тарнер апелираше за пошироко генетско тестирање, со цел да се идентификуваат пациентите кои веднаш би можеле да имаат корист од капивазертиб. „Ни се потребни нови лекови кои ќе ѝ помогнат на постојната терапија да трае подолго,“ изјави тој, нарекувајќи го лекот голема приказна за успехот на британската наука.