Поради компликации за време на бременоста или породувањето, на секои две минути во 2023 година починала по една жена, се вели во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО).
Во извештајот објавен во понеделникот, се проценува дека 260.000 жени ширум светот починале на ваков начин во текот на 2023 година, а во него се предупредува на опасностите кои доаѓаат со намалувањето на хуманитарната помош, пишува „Belganewsagency“.
Според СЗО, од 2000 година, бројот на смртни случаи поврзани со бременост е намален за 40 отсто, пред сè поради подобриот пристап до основните здравствени услуги. Сепак, во извештајот се предупредува дека од 2016 година темпото на напредок се намалува.
Намалувањето на хуманитарното финансирање имало сериозно влијание врз здравјето во многу региони, принудувајќи ги земјите да ги намалат критичните услуги за мајките, новороденчињата и децата.
Спасувачки третмани
Овие намалувања довеле до затворање на здравствените установи, губење на медицински персонал и прекини во синџирите на снабдување со клучни лекови и третмани за крвавење, прееклампсија и маларија – водечки причини за смрт кај бремените жени.
Според директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, покрај обезбедувањето пристап до здравствена заштита за бремените жени, од суштинско значење е и зајакнувањето на здравјето и репродуктивните права на жените и девојчињата.
„Иако извештајот нуди трошка надеж, податоците исто така покажуваат колку бременоста и понатаму може да биде опасна во многу делови од светот, и покрај тоа што постојат решенија за превенција и лекување на компликациите кои предизвикуваат најмногу смртни случаи кај бремените жени“, изјавил Гебрејесус.
Една од целите за одржлив развој на Обединетите нации е да се намали смртноста на бремените жени од 328 смртни случаи на 100.000 живородени во 2000 година на помалку од 70 до 2030 година.
Постигнувањето на таа цел претставува „предизвик без преседан“ и во извештајот се додава: „Потребна е итна акција за да се обезбеди здравјето на мајките и да се стави крај на трагедијата со смртта на бремените жени. Жените имаат право не само да ја преживеат бременоста, туку и да живеат во добро здравје“.