[ФОТО] Првиот луксузен, италијански воз „Долче Вита Ориент Експрес“ почнал да сообраќа – Најевтината дестинација чини 3.500 евра

Точка

06/04/2025

19:04

2.667

Големина на фонт

а а а

Првиот луксузен воз од италијанско производство наречен „Долче Вита Ориент Експрес“ почнал да сообраќа, а репликата на светски познатиот воз има за цел да го оживее гламурот на класичната верзија, како и романтизираното разбирање на италијанскиот „сладок живот“ (долче вита) и истовремено да промовира бавен туризам.

Возот за прв пат тргнал од Рим во петокот, превезувајќи добро ситуирани патници во срцето на италијанската област Тоскана, а возот, кој исто така поминал низ Фиренца и Пиза, утрово се вратил во Рим, пренесе Гардијан.

Ноќното патување со воз од Рим до Тоскана е наречено „Вкусовите на тосканските лозја“.


Првото патување било распродадено и во него учествувале 38 патници.

Таа маршрута е една од осумте кои заедно покриваат 14 италијански региони, од Венето и Лигурија на север до Базиликата и Сицилија на југ.


Патувањето е исто така целосно резервирано за остатокот од април но и поголемиот дел од мај, а предвидени се посети на Венеција, Матера – градот во Базиликата кој е листата на УНЕСКО како и посета на Сицилија.

На патувањето планирано за ноември, патниците можат да го истражуваат регионот Монферато во Пиемонт додека дегустираат тартуфи и пијат вино.


Огромното мнозинство од оние кои досега резервирале патувања се Американци, а потоа следуваат Европејците и туристите од Блискиот Исток.

Имено патувањето со Долче Вита Ориент Експрес не е евтино, а најевтината дестинација чини 3.500 евра.


За споредба, еднонасочно патување од Рим до Пиза со стандарден италијански брз воз чини околу 45 евра и е поевтино ако се резервира.


Во барот во возот Долче вита, шише вино просеко од 375 милилитри чини 12 евра.

Возот се состои од 12 реновирани вагони кои во 1960-тите сообраќале по италијанските железнички пруги и имале 18 апартмани, 12 луксузни кабини, бар, салон и ресторан.