"Nissan" планира големо враќање на европскиот пазар со три нови електрични модели.
Јапонскиот производител го најави својот голем камбек, а на сцената се враќа "Leaf", некогашниот најпродаван електричен автомобил. Покрај него, светлото на денот ќе го види и новата "Micra", а "Nissan" ја претстави и новата генерација на својата хибридна технологија "e-Power".
"Micra" на струја
Првиот новитет е електричната "Nissan Micra". Овој мал градски автомобил е дизајниран во "Nissan Design Europe" студиото во Лондон, инспириран од третата генерација на моделот, кој се смета за еден од највпечатливите досега.
Новата "Micra" се базира на заедничката платформа "AmpR Small", која ја дели со "Renault R5". Ќе биде достапна во две варијанти на батерии, 40 kWh и 52 kWh, што ќе овозможи автономија од над 400 километри. Производството ќе биде сместено во францускиот град Дуе, во рамките на фабриката "ElectriCity" на компанијата "Ampere". Очекувањата се дека новата "Micra" ќе пристигне во продажните салони уште оваа година.
Враќањето на "Leaf"
Оваа година стигнува и третата генерација на "Nissan Leaf", моделот кој во 2010 година ја започна ерата на електричната мобилност за пошироката јавност.
Новата верзија на "Leaf" има аеродинамичен дизајн и е изградена врз основа на "CMF-EV" платформата, истата што ја користи "Nissan Ariya".
Европската верзија на моделот ќе се произведува во фабриката "Sunderland", Англија, која е дел од иницијативата "EV36Zero". Овој проект има за цел трансформација на фабриката во центар за електрични возила, обновливи извори на енергија и производство на батерии.
Технологијата "e-Power" беше претставена во 2022 година како револуционерен хибриден погон, а сега е уште понапредна. Во согласност со јапонскиот принцип „kaizen“ (континуирано подобрување), новиот "e-Power" погон нуди поголема ефикасност, пониски емисии и чувство на возење слично на целосно електрично возило. Досега во Европа се продадени речиси 250.000 возила со оваа иновативна технологија.
Електричниот "Nissan Juke" пристигнува во 2026 година
На крај, "Nissan Juke" исто така ќе добие целосно електрична верзија. Ќе биде базиран на концептот "Hyper Punk", кој за првпат беше претставен во октомври 2023 година на "Japan Mobility Show".
Лансирањето на пазарот се очекува во текот на 2026 година.