Велшката пејачка Дафи, позната по светскиот хит „Mercy“, се врати во центарот на вниманието откако на платформата ТикТок се појави видео во кое таа ја пее својата најпозната песна. Оваа ненадејна објава изненади и воодушеви многу нејзини обожаватели, бидејќи пејачката веќе една деценија беше отсутна од јавниот живот.
На снимката, Дафи, чие вистинско име е Ејми Ен Дафи, емотивно ги изведува стиховите на „Mercy“, што поттикна шпекулации дека можеби најавува нова музичка соработка или ремикс на хитот.
Фановите брзо ја преплавија платформата со коментари на радост и поддршка. „Конечно се врати!“, „Ми недостасуваше!“, „Дафи е неверојатна пејачка“, се дел од реакциите на нејзините следбеници.
Watch on TikTok
Пејачката се повлече од јавноста во 2011 година, а нејзиното исчезнување предизвика бројни шпекулации. Дури во 2020 година, Дафи јавно проговори за причините зад нејзиното отсуство, откривајќи дека била жртва на киднапирање и силување.
Според нејзиното сведоштво, таа била дрогирана во ресторан, а потоа одведена во непозната земја, каде што поминала низ тешки трауми. По враќањето, останала затворена во својот дом, плашејќи се да побара помош, уверена дека нејзиниот напаѓач би можел да ја пронајде.
„Силувањето е како да живееш, а всушност да си мртов. Ми требаше долго време да ги составам сите скршени делови од себе“, напиша таа во потресна објава на Инстаграм, која подоцна ја избриша.
„Многумина од вас прашаа зошто ме нема и што се случува со мене. Вистина е, и ве молам верувајте дека во моментов сум на добро и безбедно место. Несомнено, преживеав. Не постои лесен начин да се пренесе тежината на ова искуство.“

Деталите се застрашувачки
„Ми беше роденден, некој ме дрогираше во ресторанот, а потоа продолжи да ме дрогира 4 недели и ме однесе во странска земја. Воопшто не се сеќавам дека се качив во авионот. Ме ставија во хотелска соба, а насилникот се врати и ме силуваше.“
Ѕвездата додала дека тогаш можел да ја убие. Размислувала да побегне, но се плашела да повика полиција. „Не знам како имав сила да ги издржам тие денови, почувствував присуство на нешто што ми помага да останам жива, открила таа и продолжила со трауматичната исповед: „Не беше безбедно да се оди во полиција. Чувствував дека ако нешто тргне наопаку, ќе бидам мртва, а тој би ме убил. Не можев да ризикувам погрешно да постапат со мојот случај, или тоа да биде во сите медиуми додека јас сум во опасност. Навистина морав да ги следам моите инстинкти.
Последиците се страшни

Таа успеала да побегне, но со години живеела во страв, иако на крајот отишла во полиција. „Им кажав на 2 полицајки, при различни заканувачки инциденти во изминатата деценија, па тоа беше евидентирано. Со идентитетот на силувачот треба да се занимава само полицијата, а тоа е меѓу мене и нив“.
Дафи вели дека во еден момент размислувала да го промени своето име за да „побегне во друга земја и можеби да стане цвеќарка или нешто слично, за да го остави минатото зад себеси, да започне нов живот и да не вознемирува никого со тоа минато, па да може сама да се носи со тоа“.
Траумата се пренела и во другите сфери од животот
Траумата од ова ужасно искуство се пренела нејзините романтични односи, објаснила Дафи понатаму: „Сите ме опсипуваа со љубов и ја посакуваа личноста од насловната страница на албумот, додека јас бев само повредена личност. Беше залудно“.
Поради траумите што ги доживеала, Дафи не само што ја прекина својата музичка кариера, туку се дистанцираше и од најблиските. Во неколку наврати изјави дека доживеала моменти на страв за својот живот и дека дури размислувала за бегство од местото каде што била заробена.

Изолацијата поради пандемијата на коронавирусот ѝ послужила како катализатор за објавување на нејзината приказна. Како и терапијата што ѝ овозможила да излезе во јавноста со ова. „Се сожалував себеси затоа што ми делеле лоши карти, но тоа се случи и се помирив некако“, пишувала Дафи.
Ѕвездата се соочила со дополнителна трагедија кога „за влакно“ избегнала пеколен пожар кој избувнал во нејзиниот луксузен пентхаус во Лондон. Пламените јазици биле жестоки, но храбрата пејачка излегла неповредена од ова огнено искушение.
Да потсетиме, кариерата на Дафи започна блескаво во 2007 година со хитот „Rockferry“, а нејзиниот прв албум се продаде во повеќе од 9 милиони примероци ширум светот. Покрај тоа, освои престижни награди, меѓу кои и Британската музичка награда и Греми за најдобар поп вокален албум.

По успехот, во 2011 година одлучи да се повлече од музиката и се посвети на актерството, но подоцна целосно исчезна од јавната сцена.