Луѓето со крвна група А, Б или АБ би можеле да имаат драматично поголем ризик од развој на некои видови рак, покажало истражувањето, додека луѓето со крвна група нулта позитив или негатив би можеле во одредена мерка да бидат заштитени од смртоносниот рак на панкреасот.
Неодамнешната студија покажала дека оние со крвна група А, Б или АБ имаат 55 отсто поголем ризик за развој на рак на желудникот во споредба со оние со крвна група нулта. Студијата исто така покажала дека луѓето со крвна група А имаат дури шест пати поголеми шанси да развијат рак на дебелото црево.
Ако сте нулта, најзаштитени сте
Друго истражување, спроведено во 2016 година на 18.000 возрасни лица, покажало дека луѓето со крвна група АБ имаат 45 отсто поголем ризик од развој на рак на црниот дроб. Истото истражување покажало дека луѓето со крвни групи нулта и АБ имаат шест пати помал ризик од развој на рак на панкреасот.
Експертите не се сигурни точно зошто одредена крвна група го зголемува ризикот од тумори, особено оние на дигестивниот систем. Една теорија е дека различните крвни групи произведуваат различни имунолошки одговори на заканите како бактерии, предизвикувајќи во клетките промени кои ги зголемуваат шансите за развој на рак. Но, некои експерти повикуваат на претпазливост во толкувањето на поврзаноста помеѓу крвните групи и ракот. Тие истакнуваат дека бројот на испитаници во студиите е често мал, како и дека студиите често не ги земаат предвид другите фактори кои го зголемуваат ризикот од рак, како што се пушењето или консумирањето алкохол, пишува „Дејли мејл“.
Постојат и домашни тестови
Постојат четири главни крвни групи кои потоа се поделени во две подгрупи, позитивни или негативни, при што А+ и нулта позитив се најчестите крвни групи. Крвната група се наследува преку гените пренесени од нашите родители и не може да се промени.
Која е вашата крвна група можете да откриете со едноставен AB0 кој анализира мал примерок од вашата крв. Домашните тестови за крвна група се достапни на интернет, на пример на „Амазон“, за 9,99 фунти или повеќе, или на иБеј за 14,02 долари. Крвната група можете да ја дознаете и ако го направите тестот во приватна клиника или лабораторија, додека доброволните крводарители можат бесплатно да ја дознаат својата крвна група.