На социјалните мрежи стана вирално видео на кое се гледа како фудбалерот Кристијано Роналдо објаснува зошто сè уште не ја запросил својата партнерка Георгина Родригез. Инаку парот е во врска речиси десет години, имаат и деца, но не се во брак.
Станува збор за клип од шоуто на Нетфликс „I Am Georgina“, а стана вирален во последните денови. Во клипот Георгина вели дека нејзините пријатели често ја задеваат бидејќи Роналдо сè уште не ја запросил, а потоа ѝ ја пеат песната на Џенифер Лопез „El Anillo“, што во превод значи Прстен.
„Не зависи од мене“, рекла Георгина, а Роналдо потоа објаснил зошто сè уште не ја запросил.
„Секогаш велам: „Кога ќе го почувствувам тој клик“. Како и за сè во нашите животи, и таа знае за што зборувам“, рекол тој и додал: „Тоа може да биде за една година или за шест месеци или за еден месец. Илјада проценти сум сигурен дека тоа ќе се случи“.
Видеото собра преку 28 милиони прегледи и голем број коментари, а многу луѓе не ја одобруваат одлуката на Роналдо.
„Лудо е што сè уште не го почувствувал тој „клик“, „Само се надевам дека никогаш нема да сретнам вакви мажи“, „И после децата, тој сè уште не го почувствувал кликот…“, „Каков клик чекаш откако таа ти ги родила децата?“, биле само дел од коментарите.
Се запознале во продавница на Гучи
Парот се запознал во 2016 година, кога Роналдо дошол во продавницата на Гучи во центарот на Мадрид каде Георгина била вработена. „Се тресев цела кога го видов. Веднаш ми го привлече вниманието. Тој запали некаква искра во мене“, се присетила Георгина.
Неколку дена подоцна, Георгина и Роналдо се сретнале на моден настан. „Тогаш можевме да разговараме во опуштена атмосфера. Не бев на работа, па бев поприродна. За двајцата тоа беше љубов на прв поглед“, рекла Георгина. Набргу потоа започнале романтична врска, а Георгина престанала да работи во продавницата бидејќи новинарите постојано доаѓале да ја видат новата девојка на Роналдо.
Инаку Роналдо и Георгина заедно ги добија ќерките Алана Мартина и Бела Есмералда, кои се нејзини биолошки деца, додека фудбалерот ги има и близнаците Ева и Матео како и синот Кристијано Јуниор. Во април 2022 година, тие за жал го загубија својот син, кој починал за време на породувањето.