Италијанскиот производител бележи огромен пораст на млади купувачи додека се подготвува за електричните модели.
"Ferrari" има обожаватели од сите генерации, но неговите главни купувачи традиционално биле луѓе во подоцнежните фази од животот – често оние кои се соочуваат со познатата криза на средните години.
Сепак, според податоците од Маранело, брендот сега привлекува значително помлада клиентела, при што 40% од новите купувачи се на возраст под 40 години.
Ова претставува скок од 10% во однос на резултатите од пред само 18 месеци, што е огромен напредок за компанијата која се гордее со ексклузивноста.
Но, оваа промена не е случајна – тоа е знак дека „коњот“ галопира кон нова ера.
Сè уште ексклузивен, сè уште "Ferrari"
"Ferrari" не ги открива точните стратегии што довеле до овој пресврт, но извршниот директор Бенедето Виња целиот успех го припишува на својот тим.
„Не знам како е кај другите брендови, но кај нас, ова беше постигнато исклучиво благодарение на нашиот тим.“
Сепак, една работа останува непроменета – ограниченото производство.
Енцо Ферари своевремено рече дека компанијата секогаш ќе произведува еден автомобил помалку отколку што бара пазарот, и според зборовите на Виња, тоа правило сè уште важи.
Без разлика дали купувачот има 78 години и сака да ужива во поодминатите години од животот или има 37 години и сонува да ги добие клучевите пред својот 40-ти роденден, "Ferrari" не брза со испораките.
„Еден клиент, стар 78 години, ми рече: Не можам да чекам две години. Му одговорив: Тоа ви е мотивација.“
„Друг, помлад, 37-годишник, ми рече: Сакам да го добијам автомобилот пред 40-тиот роденден. Му реков: Не грижи се, ќе го добиеш со 39.“
"Ferrari" влегува во електричната ера
Она што сепак се менува е погонската технологија на идните модели на "Ferrari".
Италијанскиот производител на суперавтомобили на 9 октомври ќе го лансира својот прв целосно електричен модел, заедно со уште пет нови модели оваа година.
Виња верува во тристран пристап кон иднината на "Ferrari":
• Класични атмосферски мотори
• Хибриди
• Целосно електрични модели
Се разбира, не сите ја поддржуваат идејата за електричен "Ferrari". Некои верни фанови не сакаат ништо што нема високообротен "V12" мотор, но Виња најавува нова генерација купувачи, кои ќе размислуваат за купување само ако "Ferrari" е електричен.
"Ferrari" се менува, но останува "Ferrari"– ексклузивен, моќен и секогаш чекор пред конкуренцијата.