Македонската фудбалска репрезентација денеска го имаше вториот работен ден по вчерашниот прв собир за предизвиците кои претстојат, па јасно е дека главен фокус останува првиот меч со селекцијата на Лихтенштајн.
Селекторот Благоја Милевски и неговиот стручен штаб работи во навистина тешки и вознемирувачки услови поради целата трагедија која се случи во Кочани, но задачата е идентично тешка и за фудбалерите кои мора да се насочат кон предизвиците кои следат.
Во една мирна и тивка атмосфера, репрезентативците го одработија и вториот тренинг кој беше закажан од стручниот штаб, а дел од истиот не беа повредените Ристовски и Ќамили, како и неизвесниот Ашковски.
Македонија квалификациите за Светското првенство ќе ги започне со гостување против Лихтенштајн во Вадуц, натпревар кој е закажан за оваа сабота.
Три дена подоцна ќе го пречекаме Велс на домашен терен, и тоа во натпревар кој ќе се игра во вечерен термин на „Тодор Проески“ (20:45).