Велосипедите биле многу популарни во доцната викторијанска ера, бидејќи имале нов дизајн, биле посигурни, поудобни и подостапни. Сѐ повеќе мажи и жени ги користеле велосипедите како превозно средство, а т.н. нова жена и нејзиниот велосипед станале феномен на 19 век, пишува „Amazing Women in History“.
Тоа што е особено интересно за деведесеттите години на 19 век е силниот ефект што велосипедот го имал врз ослободувањето на жените. Велосипедизмот им дал нова слобода за жените кои дотогаш биле главно ограничени на движење во домот.
„Новата“ жена била силна и независна. Таа возела велосипед, носела посебни костими како блумери и станала симбол на родовата рамноправност и на редефинираната женственост.
Различните модели на велосипеди биле измислени во текот на 19 век, но повеќето од нив биле опасни за возење и се сметале повеќе за новитет, отколку за превозно средство. Главно ги возеле само богати млади момчиња и се сметало дека велосипедите со високи гуми од раниот 19 век се неприкладни за дамите.
Осумдесеттите години на 19 век го донеле посигурниот велосипед со ланци какви што имаат и модерните велосипеди и овозможил седиштето да биде пониско за полесно застанување. Во оваа и во следната деценија масовно се произведувале велосипеди, а тоа придонело за пониска цена. Во тој период, луѓето можеле да си купат квалитетен велосипед за помалку од 100 долари.
Новиот сигурносен велосипед им донел невидена независност и слобода на жените. Жените, кои практично биле затворени во своите домови, сега можеле да се движат каде сакаат и кога сакаат, а да не мораат да зависат од мажите.
Жените како суфражетката Амелија Блумер се обидувале да промовираат реформа на облекувањето, но не можеле да ѝ се спротивстават на модата. Но, кога велосипедите станале толку популарни жените се свртиле кон попрактични фустани. Корсетите и тешките, слоевити здолништа кои биле неопходна мода во тоа време биле невозможни за возење на велосипед. Жените конечно почнале да носат блумери, кратки фустани и поопуштени корсети.
„Новата“ жена и нејзиниот велосипед во осудесеттите и деведесеттите години на 19 век станале вообичаена тема на карикатуристите. Критичарите сметале дека тие ја растураат заедницата и своето домаќинство, напуштајќи ги сопрузите и децата. Постојано се сугерирало дека жените кои носеле блумери и возеле велосипед се само сексуални работнички или лезбијки.
Лекарите дури и ги предупредувале жените дека велосипедот е штетен за нивното здравје, дека се премногу нежни и чувствителни за напорот потребен за возење велосипед и дека честото возење велосипед може да ги оштети внатрешните органи и да доведе до неплодност или смрт. Припадниците на свештенството проповедале против жените кои возеле велосипед, а често жените на велосипед биле опишувани како „одвратни“. Сепак, популарноста на велосипедот продолжила да расте сè до почетокот на 20 век кога се појавиле автомобилите.