Принцот Фредерик од Насау, член на кралското семејство на Луксембург, почина на 22-годишна возраст. Овој млад принц се борел со ретко генетско нарушување, синдром на осиромашување на митохондријалната ДНК, кој постепено ја исцрпува клеточната енергија и доведува до дисфункција и откажување на органите, пренесе Луксембург Тајмс.
Неговиот татко, принцот Роберт од Луксембург, ја објави тажната вест за смртта на неговиот син, наведувајќи дека и покрај напорите на неговото семејство и лекарите, Фредерик ја загубил битката со болеста на 1 март.
Посебно трогателен момент се случил на 28 февруари, Денот на ретките болести, кога Фредерик, чувствувајќи дека неговиот живот е при крај, го собрал семејството за да се збогува со нив.
Борба со ретка и разорувачка болест
Принцот Фредерик покажувал симптоми на оваа ретка болест уште од дете, иако тие дури подоцна биле препознаени како резултат на мутација на генот POLG. Ова нарушување предизвикува намалување на бројот на копии на ДНК во митохондрите, што ги остава клетките без потребната енергија – лаички кажано, како батерија која никогаш не се полни до крај и постојано се празни.
Принцот Роберт се присетил на првите знаци на болест кои ги забележал кај својот син: „Тој беше дете кое спиеше додека другите деца трчаа наоколу. Подоцна се појавија проблеми со рамнотежата и координацијата. Постојано губеше сила и често беше болен“.
Последно збогување и сила во тешки времиња
Во емотивното писмо што го сподели принцот Роберт во име на целото семејство, опишани се последните моменти на Фредерик и моментот на збогување: „Минатиот петок, на 28 февруари, нашиот сакан син нè покани во својата соба за последен пат да разговараме со него. Пронашол сила и храброст да се збогува со сите нас – својот брат, сестра, со мене, роднините, зетот и на крајот со својата тетка и вујко. Тој веќе имал можност да и упати зборови од срце на својата извонредна мајка, која не го напуштила изминативе 15 години. Откако на сите нѝ подари проштални зборови – некои нежни, некои мудри, некои поучни – во вистинскиот дух на Фредерик, нè остави со една стара семејна шега. Дури и во неговите последни моменти, неговата несебичност и хумор нè поттикнаа да се насмееме…“
Неговиот татко особено се осврна на последното прашање што му го поставил Фредерик: „Тато, дали си горд на мене?“ Принцот Роберт истакна дека неговиот син го исполнил со гордост, не само како татко, туку и како некој кој видел колку животот на Фредерик инспирирал многу луѓе ширум светот.