Хормоналните влијанија на кожата не се ограничени само на тинејџерските години или на одредени периоди во месецот.
Кога влегуваме во перименопауза и менопауза, транзиција што може да започне во нашите 30-ти, но обично започнува во нашите 40-ти, нивото на естроген се намалува, што може да има големо влијание врз кожата, од нејзината способност да ја задржи влагата до нејзината еластичност и сјај.
Со намалувањето на нивото на естроген, можат да се појават промени за кои често не сме подготвени, вели д-р Сарв Занд, дерматолог за порталот Women's Health.
Ова се пет вообичаени промени на кожата кои можат да бидат предизвикани од падот на естрогенот.
Помалку сјајна и еластична кожа
Естрогенот го стимулира производството на колаген и помага во спречувањето на појава на брчки. Кога нивото на естроген ќе се намали, кожата станува потенка и може да изгледа повеќе збрчкано, вели д-р Занд.
Ако сè уште не чувствувате губење на естроген, рутината за нега на кожата што го поддржува колагенот, како што се ретиноидите и кремите за сончање, ќе ви помогне да ги забавите промените на кожата. Сепак, ако веќе сте во преоден период или во менопауза, побарајте производи дизајнирани да помогнат во одржувањето на колагенот.
Сува кожа
Естрогенот игра важна улога во одржувањето на влажноста и здравата кожна бариера. Кога неговото ниво почнува да опаѓа, производите со навлажнувачки состојки кои ја зајакнуваат бариерата стануваат клучни. Еден од триковите за одржување на влажноста на кожата, што го препорачува д-р Занд, е да го чистите лицето само навечер, наместо два пати дневно. Наутро, само освежете ја кожата со млака вода.
Чувствителност на производи и фактори на животната средина
Кога нивото на естроген се намалува, кожата обично станува поосетлива. Ова значи дека треба да ја прилагодите вашата рутина за нега на кожата со производи кои ја зајакнуваат отпорноста на кожата и се помалку агресивни, вели д-р Занд.
Побрзо стареење на рацете и нозете
Жените често прво забележуваат стареење на кожата на рацете и нозете, а не на лицето, за време на менопаузата. За секојдневна нега на кожата од глава до пети, пробајте производи кои содржат длабоко хидратантни состојки како што се сквалан, како и антиоксиданси за подобрен сјај.
Акните се враќаат
Кај некои жени, падот на естрогенот може да предизвика појава на акни, бидејќи телото станува поподложно на андрогени.
„Ова обично се намалува кога хормоните се стабилизираат кон крајот на менопаузата, но во меѓувреме може да биде многу фрустрирачки“, вели д-р Занд.
Ако вашата кожа не е премногу чувствителна, ретиноидите ќе го стимулираат обновувањето на клетките на кожата и ќе спречат таложење на мртви клетки, што може да доведе до појава на мозолчиња. Без разлика на тоа, вашата кожа сепак ќе има потреба од хидратација за да спречи прекумерно сушење и да ја одржува здравата бариера.