Селото Хузкар е едно од најнеобичните места во Европа. Опкружено со ридови и костени шуми, ова село со околу 200 жители до 2011 година изгледало како другите андалузиски села – со традиционални бели фасади на куќите.
Но, сè се променило кога целото село било обоено во сино како дел од промоцијата на анимираниот филм за Штрумфовите, потег на филмското студио „Sony“. Изворно, планот бил по промоцијата селото да се врати во својата првобитна боја, но локалните жители одлучиле поинаку. Туризмот цветал, бројот на посетители многукратно се зголеми, а сината боја станала заштитен знак на Хузкар.
Така ова мало село во Андалузија го добило прекарот селото на Штрумфовите и станало единствена атракција во регионот.
Хузкар, селото на Штрумфовите – што да видите и правите таму?
Хузкар не е само Инстаграм дестинација. Веднаш штом ќе пристигнете во селото, првото нешто што ќе ве маѓепса е погледот од „Mirador del Pueblo de Júzcar“. Прошетката низ селото ве води до „Parque de Júzcar“, мал парк со игралиште и интересни Штрумфови детали. Овде можете да направите забавни фотографии и да ја почувствувате разиграната атмосфера на местото.
Додека ги истражувате улиците, ќе наидете на муралот на Гаргамел кој се наоѓа на ѕидот на хотелот „Casa del Bandolero“, а недалеку од него можете да ги откриете и прекрасните мурали на „Calle Sol“ и „Calle Fuente Caraila“.
Секој од нив раскажува своја приказна преку уметнички претстави, од бајковити дрвја во расцут до слатки животински ликови.
Не смеете да ги пропуштите познатите сини скали, кои се една од најфотографираните локации во селото.
Доколку сакате сувенири, задолжително посетете ја продавницата Милагрес, каде што ќе најдете најразлични предмети инспирирани од „Smurf Village“ – од играчки и книги до чаши и украсни предмети.
За авантуристичките луѓе, Хузкар нуди зиплајн кој минува над селото, обезбедувајќи единствена можност за неверојатни воздушни погледи. За време на викендите се достапни и други авантуристички активности кои ќе ги воодушеват и децата и возрасните.
Посетата можете да ја завршите на погледот „Mirador de la Torrichela“, кој нуди прекрасен панорамски поглед, а доколку огладнете, можете да уживате во вкусните предјадења и локални специјалитети кои се синоним за Шпанија во блискиот бар Торичели.
Исто така, посетителите можат да ги истражуваат околните ридови и природата со велосипед или пеш, а во текот на есенските месеци можат да берат печурки и да собираат костени.
Иако Штрумфовите заминаа, Хузкар остана син, бајковит, единствен и приказна за тоа како една мала заедница може да ја прифати промената и да ја претвори во можност. Доколку сте љубител на необични дестинации, додајте ја на вашата листа и отпатувајте во единственото сино село на светот!