Доколку посакувате брз десерт, а сте љубител на кокос, тогаш овие топчиња се вистинскиот избор. Ќе ви бидат потребни само неколку состојки и 10 минути за подготовката по што ќе можете да уживате во овој едноставен, но вкусен десерт.
Исто така кокос топчињата можете да го приспособите на вашите сопствени преференции, па така можете да ги подготвите без бадеми или едноставно да користите некои други јаткасти плодови кои ги сакате.
Состојки:
400 грама бело чоколадо
200 милилитри слатка павлака
50 грама бадеми
200 грама кокос
Подготовка:
Најпрво е потребно да ги избланширате бадемите за да им ја отстраните кората. Во помало тенџере сипете вода и оставете ја да зоврие. Во меѓувреме можете да почнете да ја подготвувате смесата за топчињата.
Имено, додека водата не зоврие, во друго тенџере на тивок оган или на пареа растопете го чоколадото заедно со слатката павлака. Кога чоколадото ќе се растопи додадете 100 грама кокос, промешајте и тргнете го тенџерето од оган. Оставете ја смесата да се излади.
Кога водата за бадемите ќе зоврие додадете ги во водата и оставете ги да се варат точно една минута. Не треба да ги варите подолго бидејќи ќе омекнат. После тоа, исцедете ги и исплакнете со ладна вода. На овој начин ќе го прекинете процесот на „варење“.
Избришете ги со хартиена салфетка и нежно извадете ги бадемите од нивната кора. Оставете ги уште малку да се исушат. Откако смесата ќе се згусне и излади, земете ја саканата количина од смесата, додадете ги бадемите во средина и формирајте топчиња. Секое топче извалкајте го во кокос.