[ВИДЕО] Трајановски си поднесе оставка: „Со Град Скопје и јавните претпријатија владее екипа од Сарај и ДУИ“ - пристигна демант од Град Скопје

Точка

27/02/2025

13:24

2.296

Големина на фонт

а а а

На денешната седница на советот Трајановски рече дека градоначалничката Данела Арсовска се грижи единствено за „кланот од Сарај“, кој под незјино водство владее со Скопје.

- Да ми кажеше некој тогаш дека сето ова го правам за да со град Скопје и јавните претпријатија раководи и владее екипа од Сарај и ДУИ уште веднаш ќе одбиев, истакна меѓу другото Трајановски.


Сега веќе вториот човек во градската скопска администрација исто така истакна:

- Кога се нафатив да бидам заменик градоначалник тогаш градоначалничката наводно беше во битка со партизираните претпријатија. Косана Мазнева која тогаш беше директор на Комунална Хигена влезе во пресметка со екипа која ги тероризираше вработените во претпријатието и ги користеа ресурсите и капацитетите на претпријатието како да е нивна своина. За прв пат директор на јавно претпријатие се осмели да се соочи со овие структури. Косана Мазнева против таа банда херојски се избори и ја отстрани од Комунална Хигиена. За таа победа Косана Мазнева беше наградена со отказ, а денес градоначалничката на Град Скопје токму од таа екипа назначува директори, пишува Трајновски, додавајќи:

- Јас не прифаќам да бидам заменик градоначалник само на Сарај, не прифаќам ниту градот да удоволува само на потребите на екипата од Сарај.

Како човек кој 8 години е дел од Советот на Град Скопје ми беше чест да прифатам да бидам заменик градоначалник на Град...

Posted by Aleksandar Trajanovski on Thursday, February 27, 2025

Трајановски не може да даде оставка оти е разрешен пред три месеци, велат од Град Скопје

Александар Трајановски не ја извршува функцијата заменик градоначалник на град Скопје повеќе од три месеци, тврди Град Скопје. Оттука, како што велат од Градот, нејасно е од која функција си дава оставка.

Трајановски бил разрешен од функцијата поради нарушување на угледот на град Скопје, неизвршување на своите задачи и неисполнување на својата функција како заменик градоначалник.

„Ова лице нема вкупно 3 активни минути на својата функција. Единственото барање на ова лице за кое е свесна градската администрација е неговата желба да добие канцеларија, службено возило и службен телефон. Друга комуникација, уште помалку во смисла на активен придонес кон работата на градот ова лице немало во последните две години“, велат од Градот.


По однос на обвинувањата на Трајановски за некакво „влијание од ДУИ“, Град Скопје вели дека се работи за лажни вести и несериозни обвинувања.

„Кадрови решенија градот Скопје немаше две години, ниту постоеше можност за вработувања поради неизгласани планови за вработување, а доколку истото некогаш би се реализирало би било врз основа на распишан оглас за вработување, со единствен критериум е исполнување на квалификациите и избор на најдобрите кандидати според закон. Доколку на Трајановски ништо не му сметало во градот Скопје повеќе од 3 години па се до неговото разрешување во декември 2024 година, прашање е зошто би му сметало сега“, додаваат од Град Скопје.

Претходно се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека Трајановски од ГРОМ задоцнил цели 3 години во проценката на личноста и неделата на градоначалничката Данела Арсовска.