Поранешниот борец на УФЦ, Едуарда Невес Сантана (29), позната како Дуда Каубојзиња, откри дека се свртела кон проституција за да си дозволи цигари откако станала бездомничка, објави Глобо, повикувајќи се на изјави од видеото на поранешната спортистка кое кружи на социјалните мрежи. Сантана беше ММА борец со три победи и еден пораз, а во 2019 година влезе во УФЦ. Нејзината кариера беше прекината во 2020 година кога паднала на допинг тестот.
Бразилската спортистка западнала во финансиски проблеми за време на Ковид-19 пандемијата, а ситуацијата се влошила кога станала зависна од дрога по што завршила на улица. „Семејството не разбира дека ова е болест… Оваа зависност е многу тажна“, рекла Сантана во видеото снимено пред три години, кое се појави во бразилските медиуми.
Таа ги предупредила младите да се држат настрана од дрогата: „Следете ги вашите соништа, не слушајте ги „пријателите“, избегнувајте дрога. „Ох, јас пушам само сканк, само џоинт“ … Брат, тоа така почнува: џоинт, кокаин, крек … А потоа завршуваш проституирајќи се за дрога“.
„Бог ми одзеде сè“
Глобо пренесе дека извори блиски до Сантана потврдиле дека таа паднала во депресија откако била суспендирана и исфрлена од УФЦ во 2020 година, по што нејзиниот тим докажал дека контаминацијата на примерокот била случајна и казната ѝ била намалена на една година. Таа наводно била на лекување, но повторно почнала да користи дрога.
Сантана тврди дека нејзината локална бразилска евангелистичка црква ѝ помогнала во тешките моменти, а поранешните колеги од УФЦ исто така ги здружиле силите за да ѝ помогнат да купи храна, пренесе Глобо. „Господ ми одзеде сè, но еден ден ќе ми врати се“, порачала Едуарда во видеото и додала: „Тој ме тестира исто како што го тестираше Исус во пустината. Но, еден ден оваа приказна ќе има среќен крај. Чекајте го моето враќање“.
A encarada entre a brasileira Duda 'Cowboyzinha' e a sueca Bea Malecki na pesagem do #UFCEstocolmo. O evento deste sábado (1) começa às 10h45 no Canal Combate pic.twitter.com/QrsBWHuUe0
— UFC Brasil (@UFCBrasil) May 31, 2019
Исто така Глобо пренесе дека Сантана потекнува од Рио де Жанеиро. Во ММА, била дел од „Tatá Fight Team“, а своето деби во УФЦ го остварила против Беа Малецки, губејќи во второто коло во борбата одржана во Шведска.