Поради полицијата на Лукашенко на никој не кажала дека ќе бега: По Олимписките игри работи како касиерка!

Точка

25/02/2025

23:02

944

Големина на фонт

а а а

Некогашната белоруска репрезентативка во стрелаштво, Карина Казлуцкаја, го променила својот живот и кариера откако по Олимписките игри во Токио пребегала во Полска. Сега работи како касиерка за да може да продолжи со спортот.

Карина Казлуцкаја веќе три години живее како бегалец, бидејќи од страв од политички прогон ја напуштила својата родна земја и се преселила во Полска. Спортистката, која имаше големи успеси во стрелаштвото, се откажала од сè што имала – плата, стипендија, спонзорски договори …

Сметала дека режимот на Александар Лукашенко ќе се пресмета со неа поради нејзините политички убедувања, па без да каже некому ја напуштила Белорусија. Ја прекинала својата кариера и само повремено тренирала, а за да преживее, морала да најде работа во супермаркет. Денес е вработена во еден од најголемите европски синџири продавници и сонува за враќање во спортот, изјави Казлуцкаја за полскиот медиум „Przegląd Sportowy“.


Напорен тренинг и работа по смени

Таа напорно тренира и се подготвува за можен камбек во спортот, но ѝ е тешко бидејќи мора да работи во смени – понекогаш тренира пред работа и тогаш има добри резултати, но по завршувањето на смената често нема енергија да се фокусира. И покрај сè, не се откажува од сонот за нови медали. Во минатото освоила сребро на Европските игри и злато на Светските воени игри, натпреварувајќи се за Белорусија.


Три години молчела за бегството

Иако емигрирала уште во 2022 година, дури сега опширно зборува за своето искуство. „Да, веднаш по пристигнувањето во Полска дадов неколку интервјуа, но државјанство добив дури во јануари годинава“, вели Карина.

Бидејќи нејзината мајка е од Полска, таа можела да добие документ што го олеснил процесот за добивање пасош. Таа добила помош од Полската стрелачка федерација и клубот ЛКС Лучник Живјец.


Живеела во страв од режимот

Казлуцкаја била противник на Лукашенко и сметала дека не е безбедно да остане во Белорусија. „Сè почна со пандемијата, кога властите се обидоа да ја минимизираат ситуацијата. Почнаа да контролираат сè, а слободите исчезнаа. Во 2020 година, на изборите, сè стана јасно. Учествував на протестите против наместените избори, по што полицијата почна да ме следи. Неколкупати бегав од нив. Во 2022, по почетокот на војната во Украина, сфатив дека морам да избегам, бидејќи репресијата стана уште поголема“, вели таа.

Таа се плашела дека може да заврши во затвор на повеќе години, што ќе ѝ ја уништи кариерата. Планот за бегство го чувала во тајност, никој не знаел додека не ја преминала границата.


„Никому не му кажав за бегството, бидејќи очекував информацијата да стигне до службите. Дури кога стигнав во Полска, му пишав на мојот тренер, кој веднаш го известил министерството – мислејќи дека сè уште не сум ја преминала границата. Подоцна, полицијата уапси неколку мои пријатели, ги држеа во притвор две недели и ми се закануваа преку телефон да се вратам назад. Но, знаев дека нема враќање“, раскажува Казлуцкаја, која успеала да ја донесе и својата фамилија во Полска.

„Не смеам да влезам во Белорусија, би се плашела. Ми недостига домот, пријателите и семејството што остана таму, но сега мојот дом е тука“, вели таа.


Во Белорусија имаше подобри услови за спортисти

Иако сега е слободна, таа вели дека условите за спортисти се потешки во Полска. Додека во Белорусија добивала плата и стипендија како врвен спортист, во Полска мора сама да се снаоѓа.

„Овде нема систем што им дава плати на спортистите, секој мора сам да се снајде. Се надевам дека ќе добијам стипендија на универзитет. Сè уште не знам дали ќе можам да продолжам со спонзорски договори, бидејќи подолго време не сум учествувала на меѓународни натпревари“, вели таа.


Во Белорусија, државата ги финансира спортистите, а системот на стипендии е многу подобар. „Минималната плата беше 700 злота, а стипендиите надминуваа 3.000 злота“, вели Казлуцкаја.

Сега, таа се подготвува да се натпреварува за Полска. „Ќе видиме како ќе оди. Сакам да бидам дел од полската репрезентација, но прво морам да се квалификувам“, вели таа.

И покрај тоа што изгуби финансиска сигурност, таа вели дека не жали за одлуката. „Слободата е многу повредна. Ми се закануваа дека ќе ми ги одземат сите добиени награди, се плашев дека тоа ќе се пренесе и на моето семејство. Тоа беше уште една причина да ги доведам најблиските во Полска“, заклучува Казлуцкаја.