[ФОТО/ВИДЕО] Град „направен од смет“: Таму ѓубрето не е само отпад – Туку и начин на преживување

Точка

25/02/2025

13:31

1.368

Големина на фонт

а а а

Не толку познатиот кварт во Каиро наречен „Garbage City“ (градот на ѓубрето) е место каде што илјадници луѓе секојдневно преживуваат благодарение на рециклирањето. И покрај тешките услови за живот, жителите развиле систем кој ги надминува просечните стапки на рециклирање во западните земји – и сето тоа во сенка на величествените пирамиди во Гиза.

Познатиот Јутјуб патописец, Дру Бински, ја посетил оваа уникатна заедница и открил како жителите на Маншиет Насер, еден од деветте окрузи на западниот дел на Каиро, успеваат да го претворат отпадот во одржлив начин на живот.


Градот на ѓубрето – лекција за снаодливост

Во оваа област живеат повеќе од 90.000 луѓе, а дури 70 отсто од нив живеат во самостојно изградени куќи, често во тешки услови слични на фавели. Секојдневно, количките со магариња го собираат отпадот ширум Каиро и го носат во Градот на ѓубрето, каде што секој член на заедницата има точно определна улога:

Децата сортираат пластика,

Жените рециклираат лименки,

Мажите работат со рециклирање стакло и метал,

Органскиот отпад се користи за исхрана на свињите.


Импресивно е што жителите рециклираат дури 85 отсто од отпадот што го собираат, што е значително повисоко од просекот од 25 отсто во западните земји.

Бински на својот Јутјуб канал изјави:

„Иднината на оваа заедница е неизвесна, но не можам да поверувам колку луѓето овде успеаја да изградат живот од работите кои светот ги фрла“.

Живот меѓу купишта отпад

И покрај исклучително тешките услови – недостаток на чиста вода, нестабилна електрична мрежа и постојана закана од болести – жителите на овој кварт не губат оптимизам. Работниците кои секојдневно пребираат низ тони отпад заработуваат само 5,90 долари дневно, а еден од нив изјавил:


„Мирисот е многу силен. Но, овде луѓето се среќни и силни“.

Покрај нивната исклучителна снаодливост, жителите на Градот на ѓубрето се познати и по нивната чесност – доколку пронајдат нешто вредно, како злато или пари, му го враќаат на вистинскиот сопственик.


Бински се запрашал што ќе се случи со оваа заедница во иднина, со оглед на тоа што се шпекулира дека египетската влада планира да ги исели и да ги оддалечи од центарот на Каиро.

Живот на работ – но со силен дух

Додека остатокот од светот го гледа ѓубрето како проблем, жителите на Градот ѓубрето го гледаат како ресурс – нешто што ги храни, облекува и им овозможува да преживеат.

„Тие секојдневно поместуваат планини од отпад за да преживеат“, истакнал Бински.


„Понекогаш отпадот на еден човек е вистинско богатство за друг, затоа што овде илјадници луѓе зависат од собирањето ѓубре за да ги прехранат своите семејства“, додаде тој.

И додека светот се обидува да го реши проблемот со отпадот и рециклирањето, можеби овој мал „град“ во Каиро би можел да послужи како инспирација – не само поради снаодливоста на неговите жители, туку и поради нивната непоколеблива волја да најдат смисла и среќа во најтешките услови.