Светот е полн со неверојатни и многу необични јадења кои предизвикуваат различни реакции – од воодушевување и чудење до страв. Така, понекогаш она што е секојдневен оброк за една нација може да биде вистинско изненадување за друга. Во продолжение некои од најбизарните јадења што се консумираат во светот.
1. Хакарл
Хакарл е ферментирана ајкула, а ова јадење е многу популарно во Исланд. Овој специјалитет се подготвува од месо на ајкула кое претходно било закопано во земја за да ферментира (денес се ферментира во садови), а потоа се суши неколку месеци. Има многу силен мирис на амонијак, а вкусот може да биде прилично шокантен за оние кои за прв пат ќе го пробаат.
Ако месото од ајкула се јаде свежо, може да предизвика тешка и непријатна интоксикација, па Викинзите уште во античко време сфатиле дека тоа можат да го спречат со закопување на месото во земја на неколку недели. Така настанал хакарл, јадењето што Исланѓаните истовремено го сакаат и мразат.
2. Балут
Балут е популарен, но сепак многу необичен филипински деликатес, а станува збор за оплодено јајце од патка кое е тврдо варено и традиционално се консумира директно од лушпата. Јадењето често се служи со зачини како сол, бибер и оцет. Иако за многумина звучи невообичаено, таа е многу популарна закуска на Филипините, богата со протеини.
Јадењето се подготвува со инкубирање на јајце од птица со ембрион во развој, потоа се вари на пареа и се консумира од лушпата. За подготовка најчесто се користат јајца од патки, а инкубацијата пред готвењето обично трае од 14 до 21 ден. Ова јадење најчесто се продава како улична храна во јужна Кина и земјите од Југоисточна Азија, особено Камбоџа, Виетнам и Филипини.
3. „Casu marzu“
Касу марзу е сирење кое доаѓа од Сардинија, а познато е по тоа што содржи живи црви, па во 2009 година Гинисовата книга на рекорди го прогласи за најопасно сирење на светот. Црвите се размножуваат и го разградуваат сирењето, давајќи му многу кремаста текстура, а сирењето традиционално се консумира додека ларвите се движат.
Многумина го опишуваат како сирење со многу интензивен вкус, а истото е дури и забрането за комерцијална продажба. Касу марзу има пикантен вкус кој потсетува на медитеранските пасишта и се задржува со часови. Некои велат дека е афродизијак, додека други тврдат дека може да биде и опасен по здравјето на луѓето.
4. Сан-накџи
Сан накџи е всушност жив октопод, поточно неговите пипала, кои се сечат на мали парчиња и се сервираат. Овие пипала кога ќе се стават на чинија, сè уште можат да се движат, што може да биде застрашувачко за многумина кои не се навикнати на овој вид храна.
Пипалата од жив октопод се сметаат за специјалитет во Јужна Кореја и Јапонија. Поради високиот ризик од задушување, треба да бидете многу внимателни и темелно да ги изџвакате пипалата. Многу експерти истакнаа дека не е препорачливо консумирање на пипала на жив октопод, бидејќи ако не ги изџвакате добро, може да ви се заглават во грлото и да ве задушат.
5. Кивиак
Кивиак е традиционално гренландско јадење кое се подготвува со ставање на мала птица, обично аук, во кожата на фока и закопување во земја неколку месеци за да ферментира. Откако ќе ферментира, нејзиното месо станува помеко и поароматично, а птицата се вади и се јаде сирова. Нејзиното месо има многу интензивен, дури и непријатен мирис.
Често се служи со друга храна како што се разни видови риба или зеленчук. За многумина ова е едно од најинтересните јадења што можете да ги пробате, но не е за секого поради силниот мирис и специфичниот вкус. Јадењето стана симбол на долгиот и тежок живот на северот, каде врската со природата и адаптацијата на екстремните услови се клучни за опстанок.