Пред два дена актерката Дру Баримор го прослави својот 50. роденден – живот исполнет со подеми, падови, борби и неверојатна трансформација.
Секој што е запознаен со приказната за американската актерка лесно може да помисли дека изгледа како да има преживеано два животи. Во првиот била трагична филмска ѕвезда од деведесеттите која многу рано влегла во Холивуд и која веќе на 13 години двапати била на рехабилитација поради зависност од дрога и алкохол. Во вториот живот, Дру Баримор е мајка на две деца, авторка, продуцентка.
Детство исполнето со слава и проблеми
Дру Баримор е родена во семејство со три генерации актери, но и алкохоличари. Веќе на 11 месеци се појавила во телевизиска реклама за храна за кучиња. Со пет години дебитирала во филмот „Корени на привиденија“ („Apparition Roots“), а со 7 години се појавила во филмот на Стивен Спилберг, „И.Т. вонземјанинот“ („E.T. the Extra-Terrestrial“), со што стана вистинска холивудска ѕвезда. Истата година стана најмладата водителка на познатото телевизиско шоу „Сатардeј најт лајв“.
Како што открила години подоцна, актерката веќе на 7 години ставала алкохол врз сладоледот, а првпат се напила со 9 години на роденденската забава на Роб Лоу. Во 1984 година се појавила во трилерот „Огнен напад“ („Incendiary“), а за улогата во филмот „Непомирливи разлики“ („Irreconcilable Differences“) била номинирана за Златен глобус за споредна улога.
На 12 години користела кокаин, а на 14 си ги пресекла вените
Како што раскажала во интервју за „Гардијан“, нејзиниот татко, актерот Џон Дру Баримор, бил „насилен алкохоличар“, а мајка ѝ Џејд немала доволно чувство за „родителска одговорност“.
Нејзините родители се развеле кога имала 9 години, а таа останала да живее со мајка ѝ. Но, во тој период веќе го запознала прочуениот клуб „Студио 54“ и неколкупати неделно се забавувала со мајка ѝ и нејзините пријатели.
Година и пол подоцна, додека седела на задното седиште од автомобилот со мајка ѝ и нејзина пријателка, испушила својот прв џоинт. Како што напишала во својата биографија „Изгубеното малечко девојче“ од 1990 година, со 12 години веќе користела кокаин, а до 13 години двапати завршила на рехабилитација поради зависност од дрога и алкохол, вториот пат во психијатриска болница. Кога излегла од болницата, си ги пресекла вените и повторно завршила во болница.
Со 14 години, судски се ослободила од родителите, а нејзиниот однос со нив отсекогаш бил комплициран. Сепак, подоцна повторно се поврзала со својот татко и била покрај него додека боледувал од рак, сè до неговата смрт во 2004 година.
Професионалниот пресврт во кариерата
Во текот на деведесеттите, таа глумеше во филмови со потешки тематики и се појави во „Отровен бршлен“ („Poison Ivy“), „Лудо заљубен“ („Guncrazy“), „Приказната за Ејми Фишер“ („The Amy Fisher Story“) и „Вресок“ („Scream“).
До 1995 година нејзината кариера доби нов правец со основањето на сопствената продукциска куќа „Флауер филмс“. Се насочи кон романтични комедии и стана омилена на публиката со филмови како „Свадбен пејач“ („The Wedding Singer“), „Приказна за вечната љубов“ (Ever After), „Никогаш не сум била бакната“ („Never Been Kissed“) итн.
Баримор, можеби, е најпозната по улогата во „Чарлиевите ангели“ („Charlie’s Angels“).
Бурниот љубовен живот на Дру Баримор
Тешкото детство и нестабилните односи со родителите влијаеле и врз нејзиниот љубовен живот. Нејзината прва сериозна врска била со актерот и пејач Џими Волтерс, кој брзо ја запросил, а таа прифатила. Сепак, Волтерс се премислил и ја прекинал врската. Две години подоцна, Дру започнала врска со Џереми Томас, сопственик на кафе-бар, и по само неколку дена решиле да се венчаат.
„Тоа беше една од моите најголеми грешки. Главната причина за бракот беше зелената карта што му беше потребна на Томас за да оди во Америка“, подоцна објаснила Баримор.
Само 29 дена по венчавката, актерката поднела барање за развод.
По разводот, Баримор била во врска со гитаристот Ерик Ерландсон, кого го запознала на мошне бизарен начин – ѝ се слошило на влезот од клуб и му повратила на чевлите. Додека била со него, таа предизвикала скандал позирајќи за „Плејбој“, а потоа во еден њујоршки клуб, на роденденот на водителот Дејвид Летерман, го почестила славеникот со стриптиз.
Во 2001 година се омажила за канадскиот комичар Том Грин. Како симбол на нов почеток, го сфатила моментот кога куќата во која живееле до темел изгорела.
Со тапанарот Фабрицио Морети беше во врска пет години, а од 2012 до 2016 година била во брак со трговецот со уметнички дела Вил Копелман, со кого има две ќерки, Олив и Френки.