Актери кои поради улогите морале да претрпат драстични, физички трансформации

Точка

16/02/2025

16:29

3.761

Големина на фонт

а а а

Светот на филмот често нè воодушевува со неверојатни актерски изведби, но понекогаш уште повеќе сме фасцинирани од физичките трансформации низ кои поминуваат некои актери за да ги отелотворат своите ликови што е можно поубедливо. Некогаш се работи за слабеење, некогаш за стекнување мускулна маса, а понекогаш за месеци поминати на шминкерското столче.

Во продолжение неколку познати примери кои докажуваат дека глумата не е само талент туку и неверојатна посветеност.

Кристијан Бејл

Кога ќе помислиме на актери кои претрпеа драстични физички промени, првото име кое ни паѓа на ум веројатно е Кристијан Бејл. Овој британски актер е познат по својата неверојатна посветеност на своите улоги. За потребите на филмот „The Machinist“ од 2004 година изгубил дури 28 килограми, хранејќи се претежно со туна и јаболка. Стана речиси непрепознатлив, а неговата изнемоштена фигура и денес се памети како една од најшокантните трансформации во Холивуд.

Но, тоа не беше единствената промена низ која помина. Веднаш потоа мораше да добие мускулна маса за улогата на Бетмен во филмот „Batman Begins“. Подоцна, за улогата во филмот „Vice“, во кој го толкуваше поранешниот американски потпретседател Дик Чејни, се здебели околу 20 килограми. Бејл е вистински пример за тоа колку екстремна може да биде посветеноста на еден актер.

Шарлиз Терон

Шарлиз Терон постојано докажува дека е подготвена на сè за нејзините улоги. За филмот „Monster“ од 2003 година, таа се здебели околу 15 килограми, целосно менувајќи го изгледот и начинот на одење со цел што поавтентично да го отелотвори серискиот убиец Ајлин Вуорнос, а таа улога и донесе Оскар.

Но, Шарлиз повторно се соочи со предизвици за филмот „Tully“, кога се здебели 22 килограми за улогата на мајка на три деца. Подоцна актерката признала дека оваа трансформација ѝ била потешка отколку онаа за „Monster“ бидејќи долго време се чувствувала уморно и депресивно. Овие искуства покажуваат колку физичките промени можат да влијаат и на менталното здравје.

Хоакин Феникс

Хоакин Феникс нè воодушеви со неговата изведба во филмот „Joker“ од 2019 година, но патот до улогата беше исклучително тежок. Феникс за многу краток период ослабе 23 килограми, што, како што подоцна призна, влијаело на неговото расположение и психа.

Неговото ослабено лице, испакнатите коски и необичниот начин на движење дополнително ја нагласија непријатната атмосфера на филмот и сложеноста на неговиот лик. Оваа трансформација покажа колку физичкиот изглед може да придонесе за емоциите и длабочината на ликот.

Том Харди

Том Харди е познат по тоа што не се плаши да го трансформира своето тело за улогите. За филмот „Bronson“ стана мускулест и набилдан, додека за „Warrior“ тренираше како вистински ММА борец.

Неговата трансформација за улогата на негативецот Бејн во „The Dark Knight Rises“ ги остави гледачите без зборови – тој се здоби со преку 15 килограми мускули и стана вистинска човечка карпа. Харди подоцна изјавил дека овие промени оставиле трага на неговото тело, особено на зглобовите.

Рене Зелвегер

Рене Зелвегер е позната по улогата на симпатичната Бриџит Џонс, а за таа улога мораше да се здебели околу 15 килограми за најдобро да го прикаже ликот на несигурната и симпатична Британка.

По снимањето, таа се обиде брзо да се врати во форма, но повторно помина низ сличен процес за продолженијата на оваа популарна франшиза. Рене подоцна признала дека ѝ било тешко да ги балансира овие промени и дека е среќна што денес повеќе не мора да поминува низ слични трансформации.

Драстичните трансформации можат да остават трајни последици

Покрај желбата убедливо да се прикаже ликот, физичките промени понекогаш се клучни за емоциите и атмосферата на филмот. Сепак, лекарите често предупредуваат дека ваквите екстремни процедури можат сериозно да го загрозат здравјето. Слабеењето за краток временски период, прекумерното зголемување на телесната тежина или интензивните тренинзи можат да остават трајни последици.