Италијанската манекенка Бјанка Балти (40) блесна на втората вечер на престижниот музички фестивал Санремо, чиј победник вообичаено е и претставник на Италија на Изборот на песна за Евровизија.
Нејзиното појавување предизвика воодушевување кај публиката, особено затоа што неодамна објави дека ја завршила хемотерапијата, која ја примаше по минатогодишната дијагноза на рак на јајници.
Балти се приклучи на фестивалот како една од водителките, а неодамна, по повод Светскиот ден на борбата против ракот (4 февруари), сподели емотивна порака на социјалните мрежи.
„Светскиот ден на борбата против ракот за мене отсекогаш беше само уште еден случаен датум, на кој ќе ме потсетат неколку објави на Инстаграм, иако мојата тетка почина од метастатски рак на дојка на 39 години, а мојата мајка пред неколку години доби дијагноза за мултипен миелом. И покрај тоа што уште во 2021 година дознав дека го носам генот BRCA1, поради кој во декември 2022 година се подложив на превентивна двојна мастектомија, ракот не успеа да ги заземе моите мисли, а камоли моето тело“, напиша Балти.
Таа додаде: „На 14 октомври ја започнав битката со хемотерапија, која заврши минатиот понеделник. Но, на мое огромно изненадување, во тие последни месеци се чувствував жива како никогаш порано. Повеќе не го земам својот живот здраво за готово, а мојата благодарност достигна врв. Сè почна да ми изгледа како благослов“.
Балти искрено зборуваше за тоа колку бил тежок процесот, но и колку ја променил.
„Беше тешко, и сè уште не е сосема завршено, но не би сакала поинаку. Луѓето велат: ‘Она што не те убива, те прави посилен’, но според моето искуство, она што не ме уби, ме натера уште повеќе да го сакам животот“, напиша таа.
Да потсетиме, Балти ја доби дијагнозата во септември минатата година, откако поради силни болки во стомакот заврши во болница. Лекарите тогаш открија дека болките ги предизвикува рак на јајници.