Сувите сливи, овошјето кое често се занемарува, може да има значително влијание врз здравјето на жените во менопауза. Новото истражување покажа дека ова овошје со прифатлива цена може да помогне во зачувувањето на структурата и цврстината на коските кај жените постари од 45 години, а истовремено обезбедува и мноштво други здравствени придобивки.
Сувите сливи се познати по тоа што го подобруваат нивото на холестерол и го зголемуваат антиоксидативниот капацитет на телото. Исто така, истражувањето објавено во списанието „Osteoporosis International“ покажа дека тие можат да имаат клучна улога во спречувањето на остеопорозата и зачувувањето на мускулната маса, што е особено важно за жените по менопаузата.
Научниците открија дека сувите сливи содржат биоактивни соединенија како полифеноли кои можат да ги намалат воспалителните процеси кои доведуваат до губење на коскената маса. За да го тестираат ефектот од консумирањето на ова овошје, истражувачите спровеле едногодишно истражување во кое учествувале 235 жени во постменопауза.
Идеално е да се консумираат четири до шест сливи дневно
Учесниците беа поделени во три групи. Едната група не консумирала сливи, додека другите две јаделе 50 грама (четири до шест сливи) или 100 грама (10 до 12 сливи) дневно. На секои шест месеци им беа измерени густината и цврстината на коските, вклучувајќи ја коскената структура на потколениците.
Резултатите покажале дека жените кои не консумирале сливи имале намалување на густината и јачината на коските, додека оние кои консумирале најмалку четири до шест сливи дневно, успеале да ја зачуваат коскената маса и структура, особено во кортикалната коска, што е клучно за отпорноста на фрактури.
Интересно е тоа што жените кои консумирале помало количество сливи имале подобри резултати од оние кои јаделе повеќе. Причината за тоа беше поголемиот број на откажувања во групата која требаше да консумира по 100 грама дневно – на учесничките едноставно им здодеало да јадат толку многу сливи секој ден.
Професорката Мери Џејн де Соуза од Универзитетот во Пенсилванија, која го водеше истражувањето, истакна дека резултатите се многу ветувачки. „Успеавме да ја одржиме густината и јачината на кортикалната коска во потколеницата, а зачувувањето на овој тип на коска е од клучно значење за превенција на фрактури“, објасни таа.
Иако истражувачите веруваат дека редовното консумирање сливи може да го намали ризикот од остеопороза, потребни се дополнителни истражувања за да се потврди ова.
Сувите сливи помагаат и во спречување на анемија
Покрај нивното влијание врз здравјето на коските, шпанскиот портал „20 Minutos“ ги истакна и другите здравствени придобивки од сливите. Покрај тоа што помагаат да се намали внесот на шеќер и да се регулира телесната тежина, тие придонесуваат за стабилизирање на нивото на шеќер во крвта и подобрување на дигестивното здравје благодарение на нивната висока содржина на влакна и природните лаксативни својства.
Тие исто така содржат железо, бакар, магнезиум и витамин К, кои можат да помогнат во спречување на анемија и одржување на здрави и силни коски.
Научна студија објавена во списанието „BMC Nutrition & Metabolism“ покажа дека консумирањето сливи може да го намали ризикот од дијабетес тип 2 за дури 60,8 отсто. Иако содржат природен шеќер, нивната висока концентрација на влакна и флавоноиди, антиоксиданти со антиинфламаторни својства, можат да ја подобрат чувствителноста на инсулин и да го намалат ризикот од метаболички нарушувања.
Иако ова овошје можеби не е првата намирница која ќе ви падне на ум, истото е лесно достапно, со прифатлива цена и исклучително корисно за здравјето.