Нов третман за колоректален карцином (на дебелото црево) што се проширил во црниот дроб покажува ветувачки резултати во холандските медицински испитувања, пишува „Ен-ел тајмс“.
Студијата „PUMP-IT“, предводена од хирургот Коерт Кулман во болницата Антони ван Левенхук, истражува метод што овозможува испорака на високи дози на хемотерапија директно во црниот дроб преку хируршки вграденa пумпа.
„Колоректалниот карцином може да метастазира во црниот дроб, а кога има премногу метастази – хируршкото отстранување не е опција. Оваа студија ја испитува вредноста на новиот третман за пациенти со метастази во црниот дроб. Пумпа со дијаметар од околу 8 сантиметри се поставува под кожата во абдоменот, а катетер ја поврзува со артеријата што води до црниот дроб, овозможувајќи континуирана испорака на хемотерапија. Ова е напреден уред што дури и не бара батерија“, објаснува Кулман.
Пумпата испорачува флуксуридин, хемотерапевтски лек што се користи со години. Третманот е високо локализиран, што овозможува значително поголеми дози во споредба со стандардната интравенска хемотерапија.
„Разликата со стандардниот третман е во тоа што овој метод го таргетира директно црниот дроб. Испорачаната доза е до 400 пати поголема, што го прави многу ефикасен. Бидејќи црниот дроб веднаш го разградува лекот, системските несакани ефекти се минимални. Пациентите покрај пумпата добиваат и стандардна интравенска хемотерапија“, вели Кулман.
Во претходната пилот-студија, третманот бил тестиран на 31 пациент.
„Докажавме дека третманот е безбеден и изводлив, нешто што никогаш претходно не било направено во Европската Унија. Резултатите беа импресивни. Затоа неодамна започнавме национална следна студија што ја споредува оваа терапија со стандардната хемотерапија за да го процени нејзиниот ефект врз преживувањето“, вели Кулман.
Следната студија, финансирана со грант од 2,3 милиони евра од Холандското здружение за рак, ќе трае пет години и ќе се спроведува во 20 центри за третман на црниот дроб низ Холандија.
Ако студијата покаже дека третманот со пумпа е поефикасен од стандардната хемотерапија, ќе се работи на негова брза одобрување од холандските здравствени осигурителни компании.
„Во моментов, овој третман е достапен само во рамките на студијата. Ако ги потврдиме неговите придобивки, ќе се залагаме да биде достапен што е можно побрзо“, вели Кулман.
Третманот има за цел значително да го продолжи животниот век на пациентите.
„За пациенти што примаат стандардна хемотерапија, просечното преживување е 30 месеци. Со пумпата, проценуваме дека може да биде 48 месеци. Студијата ќе го даде конечниот доказ, но нашата цел е јасна: да им помогнеме на пациентите со овој вид рак да живеат подолго“, вели Кулман.
Терапијата засега е достапна само преку клинички испитувања. Пумпата чини нешто повеќе од 5.000 евра, а секоја доза хемотерапија чини 150 евра, што ја прави релативно достапна во споредба со други третмани како имунотерапијата.
За да се квалификуваат за студијата, пациентите мора да исполнат строги критериуми.
„Учесниците не смеат претходно да примиле хемотерапија, а ракот мора да биде ограничен само на црниот дроб, без метастази во други органи како белите дробови“, објаснува Кулман.