Недостигот на сон е сериозен проблем кој погодува многу возрасни луѓе. Препорачаното количество на сон за возрасни е седум до осум часа, но многумина се толку навикнати на недоволен сон што повеќе не успеваат да препознаат колку е исцрпено нивното тело.
Дури и доколку се храниме здраво, редовно вежбаме и живееме избалансиран живот, хроничното лишување од сон може да влијае на нашето здравје на изненадувачки начини.
Неколку истражувања открија невообичаени симптоми кои укажуваат дека сте хронично ненаспани.
Постојано сте гладни
Ако набргу по обилен оброк повторно се чувствувате гладни, причината може да биде недостаток на сон. Една студија покажа дека недостатокот на сон влијае на рамнотежата на два клучни хормони – лептин и грелин.
Лептинот сигнализира дека сме сити, додека грелинот го зголемува чувството на глад.
„Кога сте добро одморени, телото успева да ги одржува овие хормони во рамнотежа. Сепак, недостатокот на сон го отежнува регулирањето, па може да почувствувате лажна глад и зголемена желба за храна“, објаснија експертите од „Nectar Sleep“, а пренесе „YourTango“.
Станувате несмасни
Доколку често нѝ испаѓаат предмети или се сопнуваме без некоја очигледна причина, проблемот може да биде замор. Едно истражување покажа дека лишувањето од сон ја намалува брзината на реагирање и ги нарушува моторните вештини.
„Кога сте исцрпени, вашето тело се движи побавно од вообичаено, што може да влијае на рамнотежата и координацијата. Ако постојано се сопнувате по скали или испуштате предмети, вашите моторни вештини можеби се нарушени поради недостаток на сон“, додадоа експертите.
Често се разболувате
Имунолошкиот систем се потпира на спиењето за да функционира правилно. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои не спијат доволно имаат ослабен имунолошки систем, што ги прави поподложни на инфекции и болести. Експертите тврдат дека за време на спиењето, телото произведува цитокини – протеини кои помагаат во одбраната од вируси и воспаленија. Доколку постојано се бориме со настинки и се чувствуваме исцрпени, недостатокот на сон може да биде една од главните причини.
Недостатокот на сон не влијае само на нивото на енергија – може да го наруши и хормоналниот баланс, да ја намали отпорноста на имунолошкиот систем, па дури и да ги отежни секојдневните активности. Истражувањата јасно покажуваат дека спиењето има клучна улога за здравјето, а игнорирањето на овие сигнали може да доведе до посериозни проблеми на долг рок.