Магазинот „Тајм аут“ го прогласи сендвичот со шунка и путер на ресторанот „Пети Вандом“ во Париз за најдобар сендвич во светот.
„Леб, путер и шунка – тоа е рецептот за најдобриот сендвич во светот“, наведува овој англиски магазин.
Парижаните јадат сендвичи секој ден, без разлика дали се работи за брз ручек пред да се вратат на работа или за пикник во парк.
Овој сендвич на „Пети Вандом“ списанието го опишува како „уметничко дело“.
Споменатиот ресторан секојдневно продава околу сто сендвичи со шунка и путер.
Според еден клиент, сендвичот е „музика за уши“ кога се вкусува, особено благодарение на крцкавиот леб кој „се слуша како крцка“.
„Пети Вандом“ е типичен париски ресторан, кој Тајм аут го опишува како „пекол за веганите и рај за љубителите на месото“.
„Затоа доаѓаме овде. Се фокусираме на локални производи. Тоа се основите на кујната: едноставност, вкус, квалитет и одлична атмосфера“, објаснил еден купувач.
Лајонел Малиер, директор на Пети Вандом, за „BFM TV“ објаснил како го прават сендвичот. „Многу путер, од врвот до дното. И оваа шунка, свежо исечена … Едноставна е за правење. А сепак … Не секој може да го направи тоа“, шегувајќи се рекол тој додека ја подготвувал познатата париска закуска.
За да го пробате „најдобриот сендвич во светот“, како што пренесе Тајм аут, треба да платите шест евра во Пети Вандом, додавајќи дека за оваа сума на пари посетителите можат да ги помирисаат и почувствуваат градските светла.