Почина Дражен Далипагиќ – Еден од најдобрите југословенски кошаркари на сите времиња

Точка

25/01/2025

14:49

3.687

Големина на фонт

а а а

По долго и тешко боледување денеска почина Дражен Далипагиќ (73), соопшти КК Партизан. Тој ќе остане запаметен како еден од најдоминантните кошаркари од доцните 1970-ти и 1980-ти години.

„Далипагиќ е најдобриот стрелец во историјата на КК Партизан, поранешен југословенски репрезентативец, легенда на светската кошарка и човек со неповторлив карактер“, напишаа во клупското соопштение за смртта на легендарниот „Праја“.


Далипагиќ беше роден во Мостар на 27 ноември 1951 година. Со кошарка почна да се занимава на 19 години, а две години подоцна стана репрезентативец на поранешна Југославија, за која одигра 243 натпревари и се здоби со голем број признанија и медали. Во 1971 година се приклучи на кошаркарскиот клуб Партизан и стана најдобар стрелец во историјата на овој клуб.


Инаку Далипагиќ беше дел од југословенската репрезентација на Европските првенства во 1973, 1975, 1977, 1979, 1981, 1983 година, на Светските првенства во 1974, 1978, 1982, 1986 година и на Олимписките игри во 1998, 1986 и 1986 година. На светските првенства освои злато во 1978 година, сребро во 1974 година и бронза во 1982 и 1986 година. На Олимписките игри освои злато во 1980 година, сребро во 1976 година и бронза во 1984 година. На Европските првенства освои злато во 1973, 1975 и 1977 година, како и сребро во 1981 година и бронза во 1979 година.


Богата кариера

На индивидуален план, Далипагиќ освои бројни награди и признанија. Прогласен е за најдобар кошаркар на Европското првенство во 1977 година, додека за најдобар кошаркар во Европа беше прогласен во 1977, 1978 и 1980 година.

Спортскиот магазин „Спорт“ го прогласи за најдобар спортист во Југославија, доделувајќи му Златна значка во 1978 година. Италијанскиот кошаркарски магазин „Супербаскет“ двапати му ја додели наградата „Mr. Europa“, во 1977 и 1978 година, награда која му се доделува на најдобриот европски кошаркар, без разлика дали игра на Стариот континент или не.

Во 1980 година ја доби кошаркарската награда „Euroscar“.


Покрај тоа што играше за Партизан, Дражен Далипагиќ настапуваше и за Реал Мадрид, Удине, Венеција, Верона и Црвена Звезда каде ја заврши кариерата во 1991 година.

По кариерата, Дражен работеше и како кошаркарски тренер во Србија, Италија и Македонија, а беше и спортски функционер во репрезентацијата и КК Партизан.

Дражен беше оженет и татко на две деца. Времето и местото на погребот ќе бидат објавени подоцна.