Хрватската ракометна репрезентација синоќа доживеа многу тежок пораз од Египет во борбата за првото место во прелиминарното коло од натпреварувањето, а херојот беше искусниот голман на африканската репрезентација Мохамед Али.
Хрватска и Египет синоќа во Арената Загреб го одиграа финалниот натпревар од прелиминарното коло на Светското првенство. Иако со двете победи од првите два натпревари и двете селекции изборија пласман понатаму, меѓусебниот дуел на Хрватите и Египќаните беше повеќе од важен.
Селекциите се натпреваруваа за првото место во групата – пренесување на два поени во следната фаза и со тоа многу полесен пат до финалната рунда од натпреварувањето. На овој натпревар Египет сосема заслужено победи со резултат 28:24, приредувајќи вистинска сензација среде Загреб.
Најголем херој на оваа африканска репрезентација беше голманот кој носи познато спортско име – Мохамед Али, голманот на Спортинг од Лисабон, кој брилираше од првата до последната минута, а со своите интервенции ги полуде Хрватите.
Голманот тежок 135 килограми одбрани 14 удари на хрватските ракометари и сосема заслужено го доби признанието за најдобар играч на натпреварот.
„Египетскиот неподвижен ѕид“, е прекарот со кој се здоби Али, од навивачите на египетската репрезентација која доживува вистинска ракометна револуција и се надева на голем резултат на овогодишното Светско првенство.
Покрај 14-те одбрани на Али, Египќаните за победата можат да му се заблагодарат и на Јахја Омар кој постигна шест и на Сеиф Елдераи кој постигна пет голови.