Популарниот топол напиток може да помогне во губењето килограми и да го намали ризикот од поврзани здравствени состојби, покажаа истражувањата. Овој пијалак, освен што е вкусен, има и антивоспалителни својства, помага во намалувањето на холестеролот, а цената му е повеќе од поволна.
Истражувањето објавено во „Journal of Functional Foods“ препорача консумирање зелен чај збогатен со катехини поради неговите корисни ефекти. Катехините се соединенија природно присутни во листовите од овој чај и се познати по нивните моќни антиоксидантни својства.
Зелените и белите чаеви содржат најголеми количества на катехини. Во истражувањето учествуваа 104 луѓе на возраст од 20 до 65 години, поделени во две групи. Едната група консумирала пијалак кој содржи 609,3 милиграми катехини и 68,7 милиграми кофеин дневно, додека другата група консумирала контролен пијалак во текот на 12 недели.
На почетокот од студијата, како и во осмата и дванаесеттата недела, на учесниците им беа измерени стомачните маснотии, телесната тежина и составот на телото. Резултатите покажаа значително намалување на висцералните маснотии и вкупната телесна тежина кај луѓето кои пиеле пијалак збогатен со катехини и кофеин.
Што е висцерална маснотија и зошто е опасна?
Висцералните маснотии се складираат длабоко во стомакот, околу органите. Иако мало количество е потребно за заштита и изолација на органите, прекумерните количества се поврзани со зголемен ризик од сериозни болести, како што се дијабетес тип 2, рак и срцеви заболувања.
Авторите на студијата потенцираа: „Просечната површина на висцеларните маснотии, телесната тежина и телесните маснотии беа значително намалени по третманот со зелен чај збогатен со катехин, додека овие ефекти не беа забележани во контролната група“.
Тие додадоа дека мешавината од катехини и кофеин го стимулира енергетскиот метаболизам, што дополнително придонесува за намалување на мастите.
Придобивките од зелениот чај
Ова истражување се надоврза на претходните студии кои ги потврдуваат придобивките од зелениот чај за губење на тежината и подобрување на метаболизмот на гликозата и липидите. Освен што помагаат во намалувањето на телесната тежина и маснотиите, катехините од зелениот чај имаат и дополнителни својства. Имаат антиинфламаторно и антиоксидантно дејство, а помагаат и во намалување на холестеролот.
Точното мерење на висцералните маснотии е можно само преку медицински тестови. Сепак, може да се добие груба процена со мерење на обемот на половината на ниво на папокот. Кај жените, обемот на половината поголем од 89 цн може да укаже на прекумерна висцерална маснотија, додека кај мажите, обемот поголем од 101 цм може да биде показател на вишок вицеларни маснотии.