За некои автомобили со висок отпор на воздухот често на шега се вели дека имаат аеродинамика на цигла.
Компјутерската динамика на течности (CFD) доведе до развој на различни програми, вклучувајќи корисни алатки кои им овозможуваат на аеродинамичарите да го визуелизираат и оптимизираат протокот на воздух на начини кои инаку се невозможни во реални услови.
Меѓутоа, овие алатки можат да се користат и за „бесмислени споредби“, како онаа со која се споредува аеродинамиката на "Toyota Land Cruiser Series 40" и лепче, пишува "Jutarnji List".
"YouTube" каналот "Premier Aerodynamics" реши да докаже колку е лоша аеродинамиката на познатата "Toyota" споредувајќи ја со векна леб.
Резултатите беа интересни – се покажа дека лебот е всушност поаеродинамичен, и тоа значително. Коефициентот на отпор на лебот е 0,57, што не е идеално, но е значително подобар од 0,66 на "Land Cruiser".
Иако не е откриено како би поминал "Land Cruiser" во споредба со цигла, заоблениот профил на горниот дел од лебот помага при протокот на воздух. Рамното дно на лебот не помогна многу, но видеото истакнува дека овој резултат може да се подобри со заокружување на остриот агол на конкретното лепче.
Најголемиот проблем со лебот е неговата голема рамна предна површина, поради што се соочува со поголем отпор на воздухот.
Со стариот "Toyota Land Cruiser", главните аеродинамички проблеми произлегуваат од неговата висина, големите тркала, изложените механички компоненти под возилото и целокупната форма на „кутија“.
Се разбира, "Land Cruiser" од серијата 40 никогаш не бил дизајниран да биде аеродинамичен. Кога беше создаден во 1960 година, малкумина обрнаа внимание на аеродинамиката, особено во категоријата "SUV".