[ФОТО/ВИДЕО] Не им дава да спијат: Облакодерот кој гласно „завива“ секогаш кога ветерот дува посилно

Точка

16/01/2025

20:46

737

Големина на фонт

а а а

„Beetham Tower“, познат и како кулата Хилтон во Манчестер, може да се пофали со елегантни, современи линии и одличен дизајн, но има една голема маана – многу е гласен. Воз кој се приближува, вселенски брод кој слетува, завивање или звук на дување во џиновско шише се само дел од споредбите кои Британците ги користат за да опишат како звучи најгласниот облакодер во земјата кога дува ветер.

Невообичаениот звук не им дава на жителите да спијат за време на бури и невреме. Облакодерот во центарот на Манчестер произведува бучава од солидни 78 децибели, што е прилично гласно.


Колку е гласен?

„80 децибели е еквивалентно на бучавата на прометна градска улица, која може да ви го оштети слухот ако сте изложени на неа подолго време (повеќе од 8-10 часа на ден). Тоа е звук на телефонско ѕвонење, фен, како и гласен аларм“, објаснува „Decibelpro“.



Главните виновници за звукот кој го емитува „Beetham Tower“ се украсните стаклени плочи и металната конструкција на горниот дел од зградата. Кога ветерот поминува преку рабовите на стаклените плочи, се создава турбуленција која се засилува со резонанција и така облакодерот произведува морничав звук на завивање за кој инженерите не можат да најдат решение, а сличен звук можат да произведат и самите луѓе со дување во празно стаклено шише. Отстранувањето на стаклото и поставувањето перничиња од пена и алуминиумските цевки на покривот на облакодерот не помогнаа – звукот се засилува со засилувањето на ветерот, а жителите можат да го слушнат од речиси 300 метри оддалеченост.

Облакодерот има 47 катови и е изграден во 2006 година. Во тоа време, со својата висина од 169 метри, беше прогласен за првиот вистински британски облакодер надвор од Лондон. Освен што е висок, облакодерот е и исклучително тенок и е една од најтенките градби во светот, ако се земе предвид односот висина и дебелина.