[ВИДЕО] Градот со 24 часовна темица: Како живеат луѓето таму?

Точка

16/01/2025

19:03

1.494

Големина на фонт

а а а

Моментално е поларна ноќ во Лонгјербиен, Свалбард. Тоа е природен феномен кој се јавува северно од арктичкиот круг и јужно од антарктичкиот круг, при што сонцето не изгрева над хоризонтот. Токму затоа таму е темница 24 часа дневно.

Должината на времето во кое сонцето не изгрева зависи од географската положба на местото – на овој норвешки архипелаг во Арктичкиот Океан, поларната ноќ трае од крајот на октомври до почетокот на февруари.


Во текот на јануари таму е темница во девет часот наутро кога повеќето од 1.800 жители одат на работа, напладне е темница кога тие ручаат, како и по 17 часот кога се враќаат дома. Небото само повремено е прошарано со прекрасните светла на северната светлина.


За да се одржи чувството на нормалност, домовите, улиците и работните места се осветлени со силни светла, а многумина користат и лампи за светлосна терапија. Тие ја имитираат сончевата светлина, го подобруваат расположението, концентрацијата, квалитетот на спиењето и енергијата.

Поларна ноќ во Свалбард

Локалните жители однапред се подготвуваат за поларната ноќ. Инаку за нив би било лесно да се препуштат на моменталното чувство, да спијат цел ден и да не излегуваат на студот – просечната јануарска температура во Лонгјербиен на островот Шпитсберген е околу -6 степени Целзиусови.


Меѓутоа, наместо тоа локалните жители уживаат во активности на отворено – од прошетки по снегот до скијачко трчање,а многу луѓе одат во локалната теретана за да останат во форма.

Една од нив е Сесилија Бломдал, која живее во околина на Лонгјербиен со својот партнер Кристофер и нивното куче Грим, а својот живот го споделува на нејзиниот канал на Јутјуб.

Таа следбениците на нејзиниот канал ги научи дека носењето огнено оружје е сосема нормална работа во Лонгјербиен. Поради опасноста од напади на поларни мечки, секој мора да биде опремен со соодветни средства за одвраќање и одбрана.


Бидејќи овде ништо не расте – и во лето и во зима – целата храна се доставува со бродови и авиони и е прилично скапа, а жителите месечно трошат околу 1.200 евра за храна.