Сомарој е место каде природата го диктира ритамот на животот и ги ослободува луѓето од постојаното гледање во часовникот, што дава единствена шанса да го доживеат светот во неговата најчиста форма.
На северот од Норвешка, во Арктичкиот круг, постои остров кој стана вистински феномен – Сомарој. Тоа е единственото место во светот каде што часовниците се поставени како украс, а времето не постои. Далеку од градската врева, во ова мало, прекрасно место, веќе ништо не подлежи под строга саатница, бидејќи тука природата го диктира ритамот на животот, а луѓето решиле да се ослободат од тиранијата на времето.
Сомарој е остров кој се наоѓа во округот Тромсо и е познат по тоа што во текот на летото, благодарение на неговата положба на северот, сонцето никогаш не заоѓа. Тие 69 светлосни денови, познати како поларни денови, овозможуваат неверојатно искуство за сите оние кои ќе се најдат на овој остров. Додека во текот на зимата, помеѓу ноември и февруари, островот тоне во целосна темнина, и тогаш е совршеното време за уживање во прекрасната поларна светлина која танцува низ небото.
Животот без часовник
Она што ја прави оваа дестинација уште поуникатна е филозофијата на животот која владее меѓу нејзините 350 жители. Повеќето луѓе во Сомарој немаат потреба да носат часовници, бидејќи таму веќе нема ригидно следење на часовите кога е време за работа, училишните обврски или вечерното излегување.
Имено жителите решиле да ги ослободат своите животи од диктатите на глобалното време, а часовниците беа извадени и закачени на мостот кој води до островот, како симбол на нивната желба да заборават на времето.
„Нашата идеја е да живееме како што сакаме, во хармонија со природата“
Кјел Ове Хвединг, лидерот на кампањата која ја поддржа идејата за безвременска зона, изјави за магазинот „Гардијан“: „Се во светот денес се мери со време. Луѓето се под стрес, депресивни се, затоа што се секојдневно заробени од временската рамка. На нашиот остров сакаме да создадеме простор каде што луѓето ќе можат да живеат исполнет живот, кога сакаат и како сакаат“.
Сомарој така стана симбол на слободата – 24/7. Во оваа слобода, жителите можат да се релаксираат и да се одморат кога сакаат, да косат трева во 4 часот наутро, па дури и да најдат време да шетаат на плажа или да уживаат во кафе со пријателите во 2 часот наутро. Оваа слобода се слави преку специјална кампања која повикува на укинување на традиционалното работно време и обезбедување целосна флексибилност. Иако децата сепак и понатаму мораат да одат на училиште, сите други аспекти од животот на жителите на овој остров се подредени на чувствата и потребите на луѓето, а не на часовникот.
Поларно лето и ноќ – живот под светлина и во темнина
Сомарој се однесува како вистинско огледало на природата. Во текот на летото, сонцето никогаш не заоѓа, па така доколку жителите сакаат можат да пливаат и во 4 часот наутро. Иако денот трае 69 дена во текот на поларниот ден, жителите на островот сето тоа го доживуваат со голем ентузијазам и радост, бидејќи нивниот свет е свет во кој нема страв од преголем напор или пропуштени моменти. Самото име „полноќно сонце“ не претставува само феномен, туку и начин на живот – без стрес и со целосно прифаќање на природниот ритам.
Сепак, животот во Сомарој не е во постојана светлина. Од ноември до февруари, островот тоне во целосна ноќ. Ова е време кога поларната светлина и ноќта постојано се менуваат, создавајќи магична атмосфера која изгледа како од бајките. Токму тогаш, секогаш кога жителите ќе ја отворат вратата, можат да го видат зелениот танц на поларната светлина, познат како аврора, кој одвреме-навреме се појавува на небото. Блескавата светлина која се појавува во зимските месеци создава впечаток дека сте зачекориле во свет од бајките, а на самиот крај од светот. Многу луѓе кои го посетиле Сомарај тврдат дека поларната светлина е најубава на овој остров, поради што тој често се означува како „најубавиот остров на аврората во светот“.
Островот како туристичка атракција
Иако некои ја гледаат оваа идеја како маркетиншки трик за привлекување летни посетители, многумина сметаат дека Сомарој е едно од најубавите места во светот. И покрај сите предизвици, островот станува сè попопуларна дестинација за туристите, кои сакаат да ги искусат не само феномените на поларната светлина, туку и уникатниот начин на живот. Посетителите кои доаѓаат во Сомараја сè повеќе го прифаќаат овој нов начин на живот и во многу случаи решаваат да ги остават своите часовници на мостот како знак на нивното прифаќање на безвременската филозофија.
Сомарој е без сомнение едно од најфасцинантните места во светот. Овде времето не се смета, бидејќи за неговите жители и посетители вистинскиот ритам на животот е ослободен од стрес и закони наметнати од часовниците. Тоа е простор каде што можете да живеете како што сакате, во хармонија со себеси и со природата. И можеби, само можеби, овде можете да го најдете балансот кој ви недостасува во свет кој никогаш не престанува да го смета времето.