Античкиот Египет ги предвидел Симпсоновите! Иако оваа вест е шега, во еден откриен гроб беше пронајдена слика која неодоливо наликува на лик од популарниот американски ситком. Тоа беше доволно за воодушевување на корисниците на социјалните мрежи.
Откривањето на древниот египетски гроб само по себе е значајно. Но, што би рекле за откривањето на гроб со слика на жена која неверојатно наликува на лик од Симпсонови?
Токму тоа се случи кога беше откриен антички гроб стар 3.0000 години во египетскиот град Миња, на западниот брег на Нил. Имено на капакот на саркофагот има фигура која неверојатно наликува на Марџ Симпсон.
Сликата прикажува жена со жолта кожа, сина круна и зелена облека. Фотографијата стана вирална на „Reddit“, каде корисниците брзо ја забележаа неверојатната сличност, пренесува „Euronews“.
Еден од шеговитите коментари гласеше: „Единствениот забележан момент во историјата кога Симпсонови не го направија тоа први“. Ова се однесува на популарна теорија на заговор која тврди дека Симпсоновите предвидуваат светски настани, а сега корисниците шеговито коментираат дека Античкиот Египет ги предвидел Симпсоновите.
Кој е всушност на сликата?
Меѓутоа, додека се шегуваат корисниците на социјалните мрежи, важно е да се каже дека на сликата всушност е Тади Ист, ќерката на еден висок свештеник од Антички Египет.
Според извештаите, гробиштата датираат од „Новото Кралство, (околу 1186-1069 пр. н. е.)“, а египетското Министерство за туризам во соопштение додаде дека биле пронајдени и украси, амајлии и ковчези.
„Тоа е ретка и важна сцена. Секоја сцена од тоа време има своја форма“, изјави Мустафа Вазири, генерален секретар на Врховниот совет за антиквитети, за „The Egyptian Gazette“.