Денвер продолжува по рецептот „топло-ладно“ и го запиша осмиот пораз од стартот на сезоната во НБА лигата, што доволно говори дека шампионот од пред две сезони е далеку од посакуваната форма за бркање на највисоки дострели.
Во дербито против Лос Анџелес Клиперс, Нагетси загубија и покрај историскиот учинок на Никола Јокиќ, кој ова утро стигна до 138-от трипл-дабл во кариерата, израмнувајќи ги бројките на легендарниот Меџик Џонсон.
Србинот го заврши мечот со 28 поени, 14 скокови и 11 асистенции, но тоа не беше доволно за да се избегне пораз на гостувањето кај Клиперси (126:122).
Во противничкиот табор, Џејмс Харден реши да ја уништи историската ноќ на Јокиќ со издание како во најдобрите денови, па со постигнатите шест тројки, стана само вториот играч во историјата на НБА лигата со над 3000 тројки во кариерата.
„Брадата“ блескаше и запиша 39 поени, 9 скокови и 11 асистенции, па на овој начин ја доби битката со Јокиќ и прерасна во херој за својот тим.
Од другите натпревари, за одбележување е победничкиот кам-бек на Лука Дончиќ по санираната повреда, бидејќи Словенецот се врати како лидер со 36 поени, 7 скокови и 13 асистенции во победата на Далас над екипата на Портланд (131:137).
Luka DOMINATES in his 1st game back:
— NBA (@NBA) December 2, 2024
🪄 36 PTS (62.5 FG%)
🪄 13 AST
🪄 7 REB
🪄 3 STL@dallasmavs win their 4th in a row! pic.twitter.com/z5wzyAKzzx
НБА резултати:
Бруклин – Орландо 92:100
Мемфис – Индијана 136:121
Њујорк – Њу Орлеанс 118:85
Торонто – Мајами 119:116
Кливленд – Бостон 115:111
Хјустон – Оклахома 119:116
Јута – ЛА Лејкерс 104:105
Портланд – Далас 131:137
Сакраменто – Сан Антонио 125:127
ЛА Клиперс – Денвер 126:122