По една недела посмртните останки на летонскиот кошаркар беа пренесени од Русија во Летонија.
Поранешниот репрезентативец на Летонија Јанис Тима и кошаркар на бројни европски клубови си го одзеде животот во ноќта меѓу 16 и 17 декември откако се разведе од сопругата Ана Седокова.
Неговото тело една недела било во мртовечница во Русија, а пренесувањето на посмртните останки се закомпликувало бидејќи Летонија ги прекина сите односи со Русија од април 2022 година.
„Утрово Јанис пристигна во Летонија. Ви благодариме на сите за помошта околу транспортот и за големиот број на изразени сочувства“, напиша неговата сестра Лелде Жендецка на Инстаграм.
Збогувањето со поранешниот играч на Басконија, Олимпијакос, Уникс, Химки, Зенит и Дарушафака ќе се одржи во крематориумот во Рига на 27 декември во 15 часот, објави семејството на Тима.
Инаку поранешната сопруга на Тима, Ана Седокова, според одредени тврдења ги презеде сите финансиски трошоци поврзани со организирање на погребот на нејзиниот поранешен сопруг.
Русинката завршила во болница поради нервен слом по веста за самоубиството на Тима. Меѓутоа, првата сопруга на Тима, Сана Оша изјавила дека Седокова не била вклучена во финансискиот надоместок.
Според неа, за четири часа луѓето собрале 60.000 евра за да ги покријат трошоците за транспорт на телото на Тима од Русија во Летонија.
Инаку Седокова и Тима се венчаа во 2020 година, додека во октомври 2024 година, се дозна дека парот поднел барање за развод, а во декември разводот беше финализиран.